2 септември 2019, Скопје – Новата министерка за финансии Нина Ангеловска денеска го презема управувањето со Министерството за финансии.
Министерката оствари средба со заменик-министерката за финансии Ширет Елези и со државниот секретар Јулијана Петановска, на која беа дискутирани тековните активности на Министерството за финансии.
Ангеловска на позицијата министер за финансии доаѓа од приватниот сектор. Таа е основач на „Групер“, компанија за е-трговија. Ангеловска докторирала менаџмент на Економскиот факултет во Скопје. Има бројни домашни и странски признанија. Германскиот магазин „The Hundert“ ја вбројува во листата на 100 успешни жени основачи на старт-апи, а магазинот „Forbes“ ја наградува со признанието „30 под 30“ за Европа во категоријата малопродажба и е-трговија. Во 2017 година Ангеловска го иницира основањето на првата Асоцијација за е-трговија и станува нејзин претседател. Од 2018 година Ангеловска е член на УО на Европската асоцијација за е-трговија ЕМОТА. Во 2019 година таа станува и член на УО на Стопанската комора на Македонија.
Ангеловска во интервју за МИА истакна дека ќе се вложува во проекти кои ќе донесат економски раст и ќе ја намалат невработеноста. Таа посочи дека Министерството го очекуваат амбициозна агенда и реформи, како што е мерката за стимулирање на растот на платите, која е предвидена со претстојниот ребаланс на Буџетот.