Скопје, 28 септември 2016 (МИА) – Со предложениот Буџет за 2017 година се издвојува значајна сума за капитални инвестиции што е највисока досега и е во насока на поддршка на економскиот развој.

Ова го истакна министерот за финансии Кирил Миноски образложувајќи го Предлог-буџетот за 2017 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

– Определбата за постојано зголемување на јавните инвестиции изминатите години се покажа како добра за повеќе сектори, пред сè за градежништвото и за индустријата, затоа од 2009 година наваму континуирано се зголемува износот на капитали инвестиции во Буџетот. За следната година проектиравме високо ниво на капитални инвестиции во износ од 26,954 милијарди денари што е за 4,62 милијарди денари повеќе од оваа година или за 20,7 отсто раст на капиталните инвестиции, рече Миноски.

Тој додаде дека предвидено е следната година во патната инфраструктура да се инвестираат вкупно 20,16 милијарди денари, од што најголем дел или 16,56 милијарди ќе се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта. За довршување на изградбата на модерната автопатска делница на Коридорот 10 Демир Капија – Смоквица се предвидени 3,6 милијарди денари.

Преку Јавното претпријатие за државни патишта се планира да се реализира Проектот за рехабилитација на патиштата со кој се опфатени патните правци Битола-Ресен-Буково, Ново Село-Маврово-Жировница-Дебар, Тетово-Брвеница-Чегране-Гостивар, Делчево-Голак, Мокрино-Смолари, Мелнички Мост-Центар Жупа, Лажани-Топотово-Црнилиште, Кривогаштани-Обршани-Воѓани, Кочани-Делчево и Нов Дојран-Николиќ.

Следната година, како што рече, ќе продолжи и Проектот за надградба и развој на патот Крива Паланка-Ранковце, како и изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево -Охрид. Ќе се интензивираат и активностите предвидени со Програмата за национални патишта финансирана од ЕБОР со која е предвидена изградба на нови патни делници Штип-Кочани, Охрид-Пештани, Градско-Прилеп и Требениште-Струга, како и Проектот за изградба на нов експресен пат Штип-Радовиш.

За капитални расходи за железничката инфраструктура се предвидени 807 милиони денари.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.