- Што е граѓанска обврзница?
- Граѓанската обврзница е државна хартија од вредност која е исклучиво наменета за граѓаните – државјани на Република Северна Македонија. Кога Вие како граѓани купувате обврзница од државата, тоа значи дека на државата и давате одредена сума пари на одреден рок еднаков на рочноста на обврзницата, а државата ќе Ви ја врати таа сума на датумот на достасување на обврзницата и дополнително ќе Ви исплати годишна фиксна камата.
- Како се пресметува каматата?
- Купонската каматна стапка на 2-годишната граѓанска обврзница изнесува 5,00% и се исплаќа еднаш во годината. На пример: Доколку вложите 100.000 денари во граѓански обврзници, износот на купонската каматa на крајот на првата година ќе изнесува 5.000 денари. На крајот на втората година ќе Ви се исплати и втората купонска камата во износ од 5.000 денари, како и главницата од 100.000 денари (вложениот износ) или вкупно за 2 години 10.000 денари камата за инвестиција од 100.000 денари.
- Кој е минималниот износ за купување на граѓанска обврзница?
- Минималниот номинален износ на една граѓанска обврзница е 10.000 денари.
- Како може да купам граѓанска обврзница?
- Граѓанска обврзница може да купите доколку сте државјанин на Република Северна Македонија. Со посета на еден од шалтерите на сите комерцијални банки во државата на кој треба да пополните барање за учество на аукцијата и да извршите уплата на паричниот износ за кој сакате да купите граѓански обврзници.
- Каде можам да најдам информации поврзани со граѓанската обврзница?
- Министерството за финансии на својата веб-страна предвремено објавува Проспект за граѓанските обврзници на кој се наведени сите потребни информации за претстојната аукција. Со цел да пристапите до информациите за аукцијата на граѓански обврзници ќе ја посетите веб страната на Министерството за финансии:
- Области
- Јавни финансии
- Јавен долг и меѓународни финансии
- Државни хартии од вредност
- Што е Проспект за граѓанската обврзница?
- Проспект за граѓанската обврзница е документ во кој се содржани сите потребни информации за аукцијата. Во овој документ точно е прецизирано:
- времетраење на прием на понуди од физички лица кај овластени директни учесници – банки (ова е периодот кога Вие може да отидете во комерцијалните банки и да извршите уплата),
- датум кога ќе се одржи аукцијата,
- купонска каматна стапка,
- датум на достасување (овој датум се однесува на датумот кога ќе Ви бидат отплатени средствата кои што сте ги вложиле) и
- датум на исплата на купонска каматна стапка (овие датуми се однесуваат на датумите кога ќе Ви биде исплатена купонската камата).
- Зошто да инвестирам во граѓанска обврзница?
- Граѓанските обврзници се државни хартии од вредност и поради тоа се сметаат за најмалку ризичен инструмент. Финансиски инструмент кој нуди голема сигурност дека каматата заедно со номиналната вредност ќе биде навремено исплатена. Тоа се должи на фактот што позади емисијата на овој инструмент стои државата како издавач со својот кредибилитет. Дополнително, граѓанските обврзници нудат поволна купонска каматна стапка, како надоместок за Вашата инвестиција. Со инвестирањето на Вашите средства во овие обврзници, се заштитувате од негативните ефекти кои ги има инфлацијата врз Вашите заштеди.
- Кои придобивки ги има државата од моите вложени средства?
- Придобивките се повеќекратни. Со Вашето инвестирање Вие придонесувате за раст на домашната економија преку финансирање на развојни проекти, намалување на готовината во оптек за справување со сивата економија и финансирање на буџетските потреби и сервисирање на јавниот долг.
- Дали е дозволено тргување со граѓанската обврзница и каде?
- Да, тргувањето на граѓанската обврзница е дозволено и истото може да се реализира преку Македонска берза АД Скопје и пазарите преку шалтер (ОТС).
- Дали обврзницата можам да ја продадам пред нејзиното достасување?
- Да, доколку има побарувачка, граѓанските обврзници може предвремено да се продадат и истото може да го извршите преку Македонска берза АД Скопје и пазарите преку шалтер (ОТС).
- Кој може да ги купи граѓанските обврзници на секундарниот пазар?
- Граѓанските обврзници на секундарниот пазар имаат право да ги купат физички и правни лица.