Скопје, 24 октомври 2014 (МИА) – Над 50.000 посетители во изминатите три дена се информирале за проектот „Купи куќа, купи стан“ на првиот саем што за овој проект се одржува во Скопје сити мол.
Саемот почна на 24-ти овој месец, а заинтересираните на едно место можат да добијат информации за становите кои се нудат и се вклопуваат во овој проект, како и за можноста за добивање на субвенционираниот кредит преку комерцијалните банки.
Граѓаните пројавуваат интерес за проектот и го оценуваат како одличен. Според посетителите, понудите се интересни. Го посетиле саемот за да соберат повеќе информации и да донесат одлука. Некои се за да обезбедат прв сопствен дом, а некои за да добијат поголем комфор со тоа што ќе купат поголем стан од оној што го имаат.
Градежните компании, исто така, посочуваат дека интересот бил голем и дека дневно поминувале и по 20.000 посетители.
Проектот беше промовиран во 2012 година. Досега 340 лица го решиле своето станбено прашање, а финансиската помош е 2,5 милиони евра. Поради интересот проектот ќе продолжи и наредната година. На граѓаните им се нудат два модела: првиот модел е половина рата за купување стан или 75% рата за куќа, а вториот модел е половина учество за купување стан или 75% од учеството за куќа.