Скопје, 9 декември 2014 (МИА) – Нов саем за проектот „Купи куќа, купи стан“ ќе се одржи од 20 до 28 овој месец во Скопје. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески смета дека ваквиот непосреден начин дава резултат и оти за еден месец се одобрени 50 барања.
– Повторно на едно место ќе ги собереме банките преку кои се реализира Проектот, градежните компании и Министерството за финансии и ќе им овозможиме на граѓаните во една порелаксирана атмосфера да ги добијат потребните информации, да размислат за поволностите што се нудат, како и за високиот износ на субвенции што се нудат. Секој граѓанин преку овој Проект може да добие поддршка од 9.000 до 14.000 евра, изјави министерот за финансии одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето Договор со општина Карпош во рамки МСИП.
Верува дека на овој начин ќе продолжи добриот тренд што почна со првиот саем што се одржа на крајот на октомври и оти само во ноември се одобрени 50 барања.
– Значи дека со таков директен контакт и со овозможување на едно место да се најде целосната информација се постигнува целта, а тоа е граѓаните што размислуваат за решавање на станбеното прашање да се одлучат да го направат тоа и да можат да ги добијат сите информации на едно место, истакна Ставрески.
Потенцира дека една од придобивките на Проектот беше и намалувањето на каматните стапки на пазарот што заедно со други фактори помогна да дојдат до историски најниско ниво за станбените кредити во Република Македонија.
Додаде дека во таа насока и натаму ќе се продолжи со промовирање на Проектот со цел преку директен маркетинг и директни средби да им стане поблизок на граѓаните.
Преку Проектот досега се одобрени близу 400 барања. Може да се купи нов стан или да се гради куќа.