Скопје, 31 август 2014 (МИА) – Општина Карпош вечерва свечено го пушти во употреба новиот плоштад во Влае. За отворен официјално го прогласија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски и претседателот на Советот на општина Карпош Сашо Лазаровски.
Плоштадот се простира на површина од 6.500 метри квадратни, има фонтана, нова урбана опрема и осветлување, повеќе од 10.000 цветни садници, 20 клупи за седење, детско катче, корпи за отпадоци… За неговата изградба општината инвестираше околу 500.000 евра.
Градоначалникот Јакимовски истакна дека плоштадот е посветен на македонската пливачка легенда Атина Бојаџи и ќе го носи името „Делфина“, како асоцијација на филмот „Исправи се Делфина“ за нашата најуспешна маратонска пливачка.
– Новиот плоштад го изградивме поради три причини. Првата е што сакавме да направиме убаво катче посветено на сите граѓани на Влае, втората е да се зафати просторот за да не се реши некој да постави згради на него во иднина, а третата, за мене најбитна, е да ѝ се оддолжиме на нашата сограѓанка Атина Бојаџи која своите последни години од животот ги помина токму во Карпош, рече Јакимовски, извинувајќи им се на граѓаните на Карпош што изградбата на плоштадот доцнеше една година.
Тој истакна дека во изминатиот период се изградени слични плоштади кај Млечниот ресторан, Педагошка академија и во Карпош 3 и вети дека слични катчиња ќе продолжат да се градат во општината и во иднина.
Вицепремиерот Ставрески истакна дека му претставува чест што присуствува на свеченото отворање на катчето кое, како што рече, беше долгогодишно барање на жителите на Влае и Карпош.
– Сакам да им честитам на одговорните во општината Карпош зашто смогнаа сили да најдат финансиски средства и да го реализираат овој проект во едно релативно тешко време кога финансиските средства никогаш не се доволни. Ова е еден дел од мозаикот кој во последно време го градиме сите заеднички, рече Ставрески и додаде дека е значајно да се гради и сите општини во Скопје да одат напред.
Тој посочи дека како Влада и досега помагале и реализирале низа значајни проекти во општина Карпош и во другите македонски општини и вети дека и во иднина ќе помогнат финансиски да се реализираат и други проекти.
– Со вашиот градоначалник договоривме да се реализираат проекти за реконструкција на неколку улици и изградба на атмосферска канализација преку Проектот за подобрување на меѓуопштинските услуги, вреден 800 илјади евра. При тоа ќе се реконструираат улиците Прашка и Струшка и ќе се изгради атмосферска канализација на улиците Анкарска, Влае, Багдадска, Алжирска, Борка Талески и на крак од улиците Франце Прешерн и Корушка, потенцира Ставрески.
Посочи дека подготовката на проектот е при крај и оти општината наскоро ќе го поднесе на одобрување, а до крајот на годината ќе биде избран и изведувачот. Претседателот на Советот на Карпош Лазаревски истакна дека плоштадот е изграден со средства на граѓаните и е резултат на нивните желби и потреби. Ќе им послужи, додаде, на сите генерации.