Скопје, 21 ноември 2014 (МИА) – Преку Проектот за подобрување на општинските услуги, што се реализира преку Светска банка, општина Шуто Оризари конечно ќе го реши деценискиот проблем со водоснабдувањето.

За оваа намена обезбедени се 242 милиони денари или околу четири милиони евра. Дел од средствата ги обезбедуваат Градот Скопје и општината Шуто Оризари, а 106 милиони денари се обезбедени преку јавното комунално претпријатие „Водовод“.

Договорот беше потпишан денес во Министерството за финансии од страна на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалниците на Град Скопје и општината Шуто Оризари, Коце Трајановски и Елвис Бајрам.

Според вицепремиерот Ставрески, станува збор за есенцијална потреба на околу 22 илјади жители од Шуто Оризари и дел од Скопје Север, кои ќе добијат чиста вода за нивните потреби.

– Ќе се реши еден децениски проблем којшто постоеше во општината Шуто Оризари. Честите рестрикции и немањето вода по неколку часа во летните периоди е слика којашто за сите нас кои ја водиме државата беше сигнал дека нешто треба да се направи. Градот Скопје, општината Шуто Оризари, јавното комунално претпријатие и Министерството за финансии најдоа решение за овој проблем, нагласи вицепремиерот Ставрески.

Средствата од Светска банка се обезбедени под поволни услови, со каматна стапка од 0,6 проценти, со рок на отплата од 13 години и грејс период од три години.

– Значи првите три години општината нема да враќа средства, освен каматата, што значи ќе ѝ се помогне и на општината, бидејќи се работи за релативно сиромашна општина, за таа да нема финансиски товар во првите неколку години, рече Ставрески.

Скопскиот градоначалник рече дека се работи за акутен проблем, чие решавање граѓаните на општината го барале долги години.

– Се работи за општина која е една од најсиромашните општини во Скопје. Финансирањето ќе биде на тој начин што 40 проценти ќе бидат од Градот Скопје и јавното претпријатие, а 20 проценти од општината Шуто Оризари, појасни Трајановски.

Преку Проектот за подобрување на општинските услуги досега се инвестирани околу 56 милиони евра во 33 општини, а уште 23 општини допрва ќе добијат средства.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.