Скопје, 17 декември 2013 (МИА) – Буџетот за 2014 година покрај развојната има и димензија на социјална стабилност. За социјални трансфери проектирани се 77.667 милиoни денари во што се вклучени и предвиденото зголемување за пет проценти на пензиите и на социјалните надоместоци кои ќе се исплатат во март следната година.

– Врз основа на прецизни пресметки што се направени за 2014 година на приходната страна и за трошоците на живот констатиравме дека можеме да ги зголемиме пензиите и да ја зголемите социјалната помош и тоа ќе се случи со исплата во март, како и социјалната помош што ќе се исплати во март, рече вицепремиерот и министер за финансии во рамки на собраниската расправа по Предлог-буџетот за 2014 година.

Посочи дека се предвидени средства за редовна и навремена исплата по основ на правата од социјална заштита на сите ранливи категории граѓани.

Во Буџетот за 2014 година предвидени се нови социјални прави, односно исплата на средства за нови социјални права. За правото на посебен додаток за самохрани родители на деца со пречки во развојот ќе биде зголемено за 50 проценти при што на месечно ниво ќе изнесува 6.400 денари. Во областа на социјалната заштита освен постојното право за плата за скратено работно време поради нега на дете со тешки пречки во психичкиот или физичкиот развој и правото на паричен надомест за помош на нега од друго лице, се предвидува и ново право за додаток за глувост во износ од 6.000 денари за околу 870 лица, додека постојното право за мобилност се проширува во износ од 7.000 денари.

Испланирани се средства за функционирањето на постојните дневни центри и народните кујни и за субвенционирање за трошоците за енергија на најзагрозените категории граѓани.

Според министерот, сите овие фактори покажуваат дека Владата посветува внимание на поддршка на сите категории ранливи граѓани.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.