Кавадарци, 31 март 2016 (МИА) – Кавадарци е општина каде што невработеноста е меѓу најниските во Република Македонија и споредено со 2005 година, бројот на вработувања е зголемен за 9.764 работни места. Од нив околу шест илјади лица се вработени во „Дрекслмаер“, а останатите се во други фабрики, домашни и странски.
Ова го истакна денес во Кавадарци вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој меѓу другото ја посети и компанијата „Слога пром“ од овој град.
– Кавадарци е една добра приказна во однос на вработувањата и за она што како Влада го работиме за да се намали невработеноста, поточно да се креираат што е можно поголем број работни места. Бидејќи тоа значи подобар живот, го менува на подобро животот на луѓето, рече тој.
Нагласи дека основната цел на економските политики на Владата е намалувањето на невработеноста и поддршка на фирмите. – Токму затоа сум во посета на една таква семејна фирма, која со работа започнала во деведесеттите години со само тројца вработени, а денес има шеесетина. Оваа компанија има искористено и од мерките на Владата на Република Македонија, од проектот „Македонија вработува“, но и од евтината кредитна линија од Европската инвестициска банка. Токму тоа е и нашата цел, преку таквите мерки и политики на Владата да им помогнеме на домашните фирми, заедно со странските компании, да креираат што повеќе работни места. Сметам дека оваа фирма со досегашното работење, како и со инвестицијата што ја најавуваат, изградбата на ладилник со вредност од речиси три милиони евра, покажува како работат домашните фирми. Ова е доказ дека со успешна работа, домашните фирми може да растат и да се развиваат, а воедно и да реализираат инвестиции и вработувања, додаде Ставрески.
Денешната посета е дел од начинот на работење на Владата, постојано на терен и средба со граѓаните, бизнисмените и градоначалниците. Сето тоа е, како што рече, со цел да се види како тече реализацијата на проектите на Владата и инвестициите и доколку има проблеми, да се решат и сето тоа во корист на граѓаните.
Косопственикот Ласко Јованов изјави дека компанијата постои повеќе од 26 години и се надева дека бројот на вработување ќе ја надмине и бројката од 100 работници.
– Се одлучивме за една инвестиција која ѝ е потреба на компанијата. Првата фаза ќе чини околу 15 милиони денари. Се работи за ладилник со царинско складирање за потребите на самата фирма. Во оваа фаза ќе има 30 нови вработувања. Другите две фази ќе се завршат во текот на наредната година. Освен увоз, се стремиме и за проширување на нашата дејност за сопствено производство и извоз на странските пазари. Секако, сето ова заедно со сите програми што ги нуди државата, рече косопственикот кој изрази благодарност до локалната самоуправа и Владата за поддршката.
Ставрески во рамки на посетата ќе има средба со претставници на Здружението на пензионерите, а ќе биде дел и од караванот „Купи куќа купи стан“ и „Купи куќа за млади“.