Струмица, 18 јули 2012 (МИА) – Во селото Чанаклија во општина Василево вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска постави камен-темелник за нов водовод, со кој, како што рече, граѓаните на ова населено место ќе добиваат 24 часа дневно чиста и здрава вода за пиење, за разлика од досега кога имале вода само еден час во денот.
– За реализација на водоводот се обезбедени 20 милиони денари од Светска банка со каматна стапка од 1,6 отсто со грајс период од 3 години и отплата за 10 години. Во изградбата на водоводот со сопствени средства од пет милиони денари учествува и општина Василево и со неговата изградба ќе бидат надминати сегашните проблеми со добивање на вода за само еден час во денот, рече Ставревски.
Во присуство на градоначалникот на Василево Ванчо Стојанов, вицепремиерот Ставрески ја истакна неговата заложба за решавање на едно од највиталните децениски прашања за животот во Чанаклија.
Ставрески ја нагласи соработката на централната и локалната власт во решавањето на проблемите на жителите од оваа општина, пред се во создавањето на услови за позабрзан локален економски развој во новоотворената економска зона, како и во низата поволности што Владата ги дава во развојот на малите и средни претпријатија со пакетот мерки за надминување на кризата.
Градоначалникот Стојанов рече дека со изградбата на новата водоводна мрежа до секој дом во Чанаклија ќе потече здрава вода за пиење, со што општината, заедно со Владата и жителите на Чанаклија решаваат уште еден заеднички проблем.
– Со изградбата на водоводот во Чанаклија, општина Василево го завршува мозаикот на водоснабдување на сите жители од оваа општина, додаде Стојанов..
Тој ја најави и изградбата на локалниот пат Чанаклија-Нова Маала што треба наскоро да почне.