Скопје, 20 февруари 2013 (МИА) – Враќањето на обврските на државата кон стопанството по основ на поврат на ДДВ и исплата на договорни работи оди одлично и државата ќе го испочитува рокот да ги сведе на нула тие до крајот на месецов.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговoрајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на препумпна станица во скопската населба Драчево.

– Одлично оди враќањето на долгот кон стопанството. Сведено е под 10 милиони евра, што значи во изминатите пет месеци имаме исплатено над 82 милиони евра кон стопанството. Фирмите тоа го чувствуваат. Ликвидноста е подобрена и сметам дека целосно ќе го испочитуваме рокот што е даден до крајот на месецов, изјави Ставрески.

Владината мерка почна во септември минатата година, со цел подобрување на ликвидноста на фирмите. На средината на септември, кога почна акцијата на отплата, обврските по основ на поврат на ДДВ и исплата на договорни работи изнесуваа 92 милиони евра.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.