Скопје, 27 јануари 2013 (МИА) – Проектот „купи куќа, купи стан“ влегува во втората година од реализацијата. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески очекува како и во изминатата година да добијат поддршка стотици граѓани за да решат едно од најкрупните прашања обезбедување свој дом. Денеска беа доделени одобренија на нови корисници на субвенциониран станбен кредит од овој проект.
– Денешното доделување на одобренија на корисници на субвенциониран станбен кредит е одбележување на првата годишнина од проектот. Влегуваме во втората година во која верувам исто така дека стотици нови семејства ќе ја искористат оваа можност. Кредитот досега им помогна на 110 граѓани, односно семејства, рече министерот Ставрески.
Додавајќи дека ако проектот се гледа од аспект дека со него се решава вакво крупно прашање има една голема човечка димензија и важно е што, без разлика дали прашањето го решава млад брачен пар кој живее во заедница, дали е самохран родител со деца или слично, со поддршка од Владата решава големо животно прашање.
– Владата им помага на луѓето на кои им е најмногу потребна поддршка и во најсоодветниот период, а тоа е на почетокот кога треба да се дособерат пари и кога секој денар е значаен да се аплицира за станбен кредит. Овој проект е наманет токму за граѓаните кои имаат одредени приходи но немаат доволно или им недостасуваат малку за да може да добијат станбен кредит или сакаат да го добијат со подобри услови и токму тука е улогата на Владата и на проектот „Купи куќа, купи стан“, истакна министерот за финансии.
Поддршката од Владата во случајот кога граѓанинот го одбира моделот „Половина рата“ достигнува и до 10 илјади евра. Досега доделените субвенции од Владта изнесуваат 640 илјади евра. Каматите на субвенционираниот станбен кредит се фиксни за првите пет години и тоа 4,99 проценти за првите три години и 5,49 проценти за четвртата и петтата година.
Најголемиот дел од добитниците го избрале моделот „Половина рата“, а според локацијата се од Скопје. Меѓу денешните нови има и од Пробиштип, Гевгелија…
Александра Манолева самохрана мајка од Скопје, добитник на субвенциониран кредит, вели дека проектот бил пресуден за по 17 години живот под кирија да одлуч да го реши нејзиното животно прашање. – Ова е најпогодниот начин за решавање на ова прашање. По сите направени анализи се одлучивме да го избереме моделот „Половина рата“, рече Манолева која со субвенционираниот кредит купува стан во Скопје од 45 метри квадрати.
Граѓаните преку објавени јавни повици од страна на Владата годинава можат да аплицираат за субвенционирани станбени кредити до 31 мај.