Скопје, 5 февруари 2014 (МИА) – СДСМ нема слух, знаење и волја за егзистенцијалните прашања и проблеми на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ успешно ги реши овие проблеми. Ова денес го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на собраниската седница, во реплика на пратеникот Горан Мисовски од НСДП.

СДСМ, како што рече, го боли фактот што во изминатите седум години со вакви проекти се реализираа градби на многу инфраструктурни проекти кои решија прашања од животниот стандард на граѓаните, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во Македонија во многу области.

– Со вакви проекти во изминатиот период се изгради водовод во Чанаклија, Василево. Се реши децениското прашање за водоснабдување во Кавадарци. Со вакви проекти се градеа регионални и локални патишта во сите делови на Македонија, се изградија спортски сали во многу градови во Македонија. Со вакви проекти се решаваат децениски прашања на водоводи, фекални канализации кои, за жал, вие и СДСМ во изминатите 20 години не ги решивте. Егзистенцијални прашања и проблеми на граѓаните за кои вие немавте ниту слух ниту пак знаење или волја да ги решите, рече Ставрески.

Со вакви проекти, како што рече, по децении зборување, наскоро ќе почне реализацијата на проектот за пругата кон Бугарија.

– Со вакви проекти се врши реконструкција на пругата на Коридорот 10. Со вакви проекти почна реализацијата на новиот Клинички центар во Скопје, реконструкција на многу болници, набавка на опрема за болниците и изградба на нов клинички центар во Штип, рече Ставрески.

Во делот на образованието со вакви проекти, потенцира тој, се реконструираа училишта и се градат социјални станови.

– Тоа е тоа што вас ве боли. Што се однесува до странските инвестиции, тоа што ве боли е што со нашата работа, со подобрување на бизнис климата, со привлекување странски инвеститори, најниски даноци во Европа, успеавме да привлечеме инвеститор во Кавадарци„Дрекслер-Маер“, со 3.031 вработување во Кавадарци. Инвеститор „Кромберт и Шуберт“ во Битола, со 822 вработувања до сега. Инвеститор во Штип, „Џонсон Контролс“ 900 вработувања досега. Инвеститори во Скопје, кои отворија илјадници работни места. Само во зоните се отворени преку пет илјади работни места, потенцира Ставрески.

И во текот на 2014 година, најави Ставрески, ќе има дополнителни шест илјади работни места или вкупно 11 илјади работни места.

– Тоа е што вас и СДСМ ве боли. Тоа е она за што треба да дискутираме. Се позајмуваа пари и во ваше време. Го набилдавте долгот на државата до 38 проценти, а денес е 34 проценти. Што значи помалку средства се земаат во вид на кредити, но се употребуваат на поправилен начин и ефектите се видливи на терен, истакна Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.