Скопје, 11 јуни 2013 (МИА) – Владата имаше слух за барањата на металуршките компании и повеќето барања беа прифатени. Во делот на еколошките стандарди имаше извесно пролонгирање на обврските со цел да имаат подолго време за да ги реализираат зашто за тоа се неопходни инвестиции.

 

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во одговор на новинарско прашање по презентацијата на Проектот за задолжителна котација на Македонската берза.

 

– Владата ги помага компаниите од металургијата и сите други компании и ќе ги помага со тоа што ќе останеме на политиката на задржување на најниски даноци во Европа. Со тоа преку 400 милиони евра во изминатите неколку години се оставени на располагање на македонските компании од сите дејности, изјави Ставрески. Тој посочи дека тоа се мерките кои може да се направат согласно можностите на државата.

 

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, пак, посочи дека претставници од Владата ќе се сретнат со металурзите и ќе ги разгледаат сите нивни предлози.

 

– Комуникацијата на Владата со сите компании е во континуитет. Минатата година воведовме некои мерки кои можеби не ги постигнаа оние ефекти кои ги посакуваат компаниите, но секако не се без ефект, изјави Пешевски, одговарајќи на прашање по промоцијата на инвестициската програма „Мастерплан“ за наредните 20 години на ЕВН Македонија.

 

Тој посочи дека сите барања од металурзите ќе бидат разгледани, но додааде дека Владата мора да води сметка да не се фаворизира само еден сектор, туку правилата за игра да бидат колку што е можно поеднакви за сите учесници на пазарот.

 

– Металурзите, но и другите сектори се погодени од кризата во Европа и намалената екстерна побарувачка. Владата прави се она што е во нејзина моќ, но сепак сите треба да понесеме дел од товарот на економската криза во Европа, рече Пешевски.

 

Металурзите вчера побараа итна поддршка од Владата во делот на субврнционирање на електричната енергија, како и одлагање на рокот за воведување на еколошки стандарди. Тие посочија дека во првите четири месеци од годинава бележат намалување на производството од 21,9 отсто, а до крајот на годината очекуваат загубите да достигнат преку 40 отсто што ќе предизвика отпуштање на вработените.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.