Скопје, 29 јануари 2015 (МИА) – Со реализацијата на неколкуте инвестиции коишто се веќе во завршна фаза и потврдени од странските инвеститори, во делот на вработувањата и во делот на перспективите што се отвораат, за граѓаните од охридско-струшкиот регион можам да кажам дека претстојат подобри времиња, истакна министерот за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на прашање на пратеничката Нола Исмајловска.

– „Костал“ е реномирана германска компанија, којашто работи во делот на мехатрониката и производството на авто делови за најпознатите светски компании, како што се Мерцедес, БМВ… Значи произведува електрични делови за прозорци и за други компоненти на автомобилите за овие гиганти, што значи дека главно ќе бараат инженери и стручни лица во овие области, како што се електронската, мехатрониката и слично, рече Ставрески.

Појасни дека со оваа инвестиција ќе се отвори работа за луѓе со високо и средно стручно образование и за одреден број економисти и правници. Вкупната бројка на вработување што е најавена е околу илјада лица, со перспектива и понатаму да расте доколку се реализираат и неколку дополнителни планови најавени од „Костал“. 

Вицепремиерот Ставрески информираше дека со претставниците на германската компанија разговарале за нивното барање да изнајмат една од халите на ЕМО, со што би ја започнале нивната инвестиција, а подоцна и со изградбата на фабриката „Костал“.

– Тоа е планот на „Костал“ и Владата. Согласно тој план, што значи дека при вработувањето и при објавувањето на огласите очекувам да има добри вести за голем број граѓани на Струга и Охрид коишто ги исполнуваат условите, што ги спомнав, односно коишто ќе ги бара инвеститорот, истакна Ставрески и информира дека Владата е во преговори и со други компании за овој регион.

Потенцира дека регионот на Охрид и Струга нуди добри услови во делот на инфраструктурата, а што се однесува до Владата и општите услови за водење бизнис, тие се меѓу најдобрите во светот.

– Како што знаете, пласирани сме високо според индексот на Дуинг бизнис и оценети сме од бројни инвеститори како земја што е лидер во регионот според општите услови за бизнис, што значи добра бизнис клима и ниски трошоци за компаниите, вклучително ниски даноци и како посебен сегмент квалификуваната и стручна работна сила со којашто располага Македонија, истакна Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.