Струмица, 28 ноември 2012 (МИА) – Македонското стопанство е под притисок на рецесијата во еврозоната, а македонската индустрија најмногу го чувствува тоа.

 

Сепак, она што може да го направи Владата е во овие околности да обезбеди дополнителни средства за македонските претпријатија, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање во врска со објавените статистички податоци за пад на индустриското производство.

 

Министерот очекува во наредниот период да се повлечат нови 15 милиони евра од кредитната линија од Европската инвестициска банка кои ќе ги искористат 43 компании.

 

– Петнаесет милиони евра се значајни средства за македонските компании и верувам дека со тоа колку можеме ќе им помогнеме полесно да ги надминат овие искушенија и верувам дека дел од нив ќе обезбедат ликвидни средства за да ги надминат овие проблеми, рече вицепремиерот и министер Ставрески.

 

Како што додаде, клучно е она што се случува во Европа и изрази надеж дека таму постепено рецесијата ќе слабее и дека со тоа и македонската индустрија ќе се врати во позитивна зона.
 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.