Скопје, 1 ноември 2013 (МИА) – Со одржување најниски даноци во Европа и добра бизнис клима Македонија и натаму ќе биде исклучително атрактивна за инвеститорите, смета вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
– Приказната за странските инвестиции во Македонија е една успешна приказна за тоа ако ја подобриш бизнис-климата што е евидентно, бидејќи со години по ред сме меѓу најдобрите реформатори во светот, меѓу 10 топ-реформатори во светот и преку еден амбициозен план на презентации на инвестициските можности пред инвеститорите во Европа, но и на другите континенти да можат да се привлечат странски инвестиции во земја која е релативно мала и каде инвеститорите можеби немале претходно интерес, изјави вицепремиерот Ставрески, одговорајќи на новинарски прашања по Конференцијата по повод одбележувањето на Денот на осигурувањето.
Тој додаде дека од година во година во Македонија доаѓаат глобални компании и брендови кои порано ги немало во земјата и кои не само што отвораат една туку и повеќе фабрики.
– Тие фабрики се отвораат не само во Скопје, туку и во внатрешноста и од тој аспект за нас е значајно да продолжиме со ваквите напори да се зголеми износот на странски инвестиции и да се отворат нови работни места како тоа што се случуваше во Кавадарци и Битола, да се случи и во сите други места во Македонија.
Според податоците на Народната банка на Република Македонија странските инвестиции во земјава заклучно со агуст се 157,3 милиони евра.