Неготино 14 февруари 2014 (МИА) – Субвенциите за лозарството се во целост исплатени, а според планот тече исплатата на субвенциите и за останатите гранки во земјоделството, изјави денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарски прашања по закројувањето на виновата лоза во Неготино по повод празникот Свети Трифун.

– Во изминатиот период се исплаќаа субвенциите за лозарите. Исплатени се 386 милиони денари на 12.615 лозари. Започнаа да се исплаќаат и оние за тутун и преку 27 илјади производители на тутун веќе ги добија своите пари за субвенционирање на производството. Оние кои допрва ќе го продадат тутунот, исто така ќе ги добијат своите субвенции. Значајно е дека околу милијарда и 200 милиони денари веќе се исплатени за субвенционирање на тутунот, истакна вицепремиерот.

Тој додаде дека Буџетот е во добра кондиција, дека има добра ликвидност и оти исплатата на субвенциите оди според планот. Најави дека следната недела се планира исплата на субвенции за овците.

– Задоволни сме, рече, од работата на Агенцијата за финансиска поддршка и Министерството за земјоделство кои во исклучително брз рок ги извршија проверките, сè со цел земјоделците навреме да си ги добијат своите субвенции.

Потенцира дека Владата на Република Македонија и понатаму останува на определбата да го поддржува земјоделството.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.