2 април 2018, Скопје – Мора да престанеме да мислиме на краток рок – од година за година. Со цел да го унапреди системот за управување со јавните финансии, Министерството за финансии направи стратегија за реформи кои ќе придонесат до поголема транспарентност и среднорочна рамка за Буџетот, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на Првата конференцијата на Министерството за финансии по повод Денот на Буџетот на РМ.
– Во Министерството за финансии започнавме да гледаме на подолг рок. За првпат од независноста, Министерството за финансии има Стратегија за реформи во системот за јавни финансии. Таа го опфаќа периодот 2018 – 2021 година и ги содржи сите значајни елементи на системот, почнувајќи од фискална транспарентност, преку воведување среднорочно буџетирање и измени во системот на јавните набавки, па сѐ до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината. Нејзина цел е среднорочно подобрување на системот за јавните финансии во насока на стандардите на ЕУ – истакна министерот за финансии Тевдовски.
Тевдовски посочи дека досега Денот на Буџетот не бил одбележуван, иако тој има историско значење во градењето на нашата држава. Како што посочи Тевдовски, Буџетот е еден од темелите на македонското општество.
– Буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата. Од него зависат, на пример платите на наставниците кои во училиштата ги учат нашите деца; опремата што се користи во јавното здравството; поддршката за вработување која им се дава на невработените; социјалната помош; поддршката за бизнисите кога отвораат работни места и инвестираат; изградбата на канализации, системи за наводнување, училишта, болници, патишта и енергетски објекти. А, секако дека од Буџетот зависат и многу други работи што имаат директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија – истакна Тевдовски.
Како што потенцира во своето обраќање, Македонија може да биде општество со помали разлики помеѓу сиромашните и богатите.
– Македонија може да има праведно оданочување, заедно со транспарентност и отчетност при трошењето на парите собрани од даноците. Македонија може да биде место каде што младите ќе имаат можност да ја градат професионалната кариера, а нивниот труд ќе биде достоинствено платен, стремејќи се кон европските стандарди – посочи Тевдовски.
На Првата конференција на Министерството за финансии се обратија и претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, претседаталот на Собранието на РМ Талат Џафери, директорот на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија Линда Ван Гелдер, како и поранешните министри за финансии Таки Фити, Петар Гошев, Никола Поповски и Трајко Славески.
Првиот Буџет на Република Македонија е донесен на 2 април 1992 година.
Фотографии од настанот можете да најдете на следниот линк:
Видео од обраќањето на МФ Тевдовски можете да најдете на следниот линк:
https://www.youtube.com/watch?time_continue=3&v=_LAtFz-gm-o