12 април 2019, Вашингтон – Делегација предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на редовните Пролетни средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.
Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската инвестициска банка и Меѓународната финансиска корпорација (IFC). Во рамки на средбите закажани се состаноци со заменик-претседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер, со директорот на СБ за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, со извршниот директор на Светска банка за Конституенцата во која е Р. Северна Македонија Кун Дејвитсе, со извршниот директор на ММФ за Европа Пол Томсен, и со шефот на мисијата на ММФ за Македонија Џесмин Рахман.
Во фокусот на разговорите ќе бидат тековната и идната соработка на Македонија со овие меѓународни финансиски институции.
Пролетните состаноци на ММФ и Светска банка се одржуваат секоја година. На настанот учествуваат министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите членки. Дискусијата е поврзана со актуелните случувања во светската економија и со теми како што се намалување на сиромаштијата и поттикнување на економскиот раст.