7 септември 2018, Скопје – Македонската економија оди во позитивна насока, а за тоа сведочат и податоците на Државниот завод за статистика кои забележуваат раст од 3,1% на БДП во второто тримесечје. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски по завршување на комитетот за финансиска стабилност, на кој учествуваше и гувернерот на Народна банка, Анита Ангеловска Бежоска. Тевдовски рече дека Македонија има капацитет да го достигне проектираниот раст од 3,2%.

– И нашите макроекономски показатели и сите податоци што ги објавува Државниот завод за статистика, зборуваат дека економијата оди во позитивна насока и тоа е најважно. За вториот квартал растот на БДП е 3,1 процент, имаме раст на индустриското производство, странските директни инвестиции кои се 325 милиони евра, стапката на невработеност е намалена, имаме раст на платите, приходите од даноци се согласно нашите проекции и имаме ликвидност. Сметаме дека Македонија има капацитет да го достигне проектираниот раст од 3,2 проценти, рече министерот за финансии.

Според Тевдовски, најважно е што економијата почнува сериозно да расте и додава дека има сегменти за уште поголеми очекувања, а веќе се преземени и мерки што во наредните квартали ќе обезбедат раст и во градежништвото.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска потенцира дека по економската стагнација, сега е остварен раст на економската активност што е значајно и што укажува генерално на позначајни поместувања кај економската активност.

Ангеловска истакна дека годинава има постепено забрзување на активноста на банкарскиот систем што се гледа преку растот на депозитната база, но и преку кредитната активност. Таа очекува дека до крајот на годината ќе има забрзување на кредитната активност од аспект на пораката што ја праќаат до банките преку макроекономските фундаменти што се присутни.

– До крајот на годината се очекува постепено забрзување на кредитната активност, иако во претходните две години бевме сведоци на прилично забавена кредитна активност која во основа не одразуваше толку економски фундаменти, туку повеќе неизвесност и неекономски фундаменти. Сега со постепено стабилизирање на состојбите се гледа одредено заживување на кредитната активност и очекуваме и преку овие мерки што ги преземаме да се обезбеди натамошен стимул и натамошно постепено интензивирање на кредитната активност до крајот на годината, потенцира гувернерката.

 

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.