Вести|

29 октомври 2020, Скопје – Мерката за финансиска поддршка на ранливите категории, како што се пензионерите и самохраните родители, се проширува и за децата без родители. Поддршка во износ од по 6.000 денари е предвидена и за нив со ребалансот на Буџетот, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на собраниската расправа за ребалансот.

Бесими посочи дека во тек на комисиската расправа се направени и други дополнувања на ребалансот со кои се обезбедуваат средства за проекти како што се водоснабдување и филтер станици во повеќе населени места.

– Направивме дополнувања на ребалансот по основ на усвоените амандмани. Обезбедивме средства за финансиска поддршка за децата без родители. Обезбедивме средства за мапирање за стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид. Обезбедивме средства за изградба на дел од третиот крак за водоснабдителен систем во село Липково и водоснабдување во Мала Речица, средства за довршување на филтер станиците во Штип и Карбинци, средства за реставрација на мост во село Уланци и дополнителни средства за одржување на археолошките локалитети, како и средства за организација на резервни офицери – рече Бесими.

Министерот за финансии посочи дека со ребалансот на Буџетот се обезбедуваат средства за четвртиот пакет антикризни мерки, како и дека стотици илјади граѓани како и десетици илјади фирми го очекуваат донесувањето на ребалансот за да може да се ефектуираат мерките.

– Ефектуирањето на четвртиот пакет антикризни мерки зависи од усвојувањето на овој ребаланс. Со него се обезбедуваат средства за реализација на мерките, како што се финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати во октомври, ноември и декември 2020 година, финансиска поддршка за ранливите категории погодени од КОВИД-19 за плаќање домашни производи и услуги кај погодените сектори, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, поддршка на дејноста туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност, враќање на туристичка такса за 2019 година, поврат на средствата од Викенд без ДДВ, државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка и грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби – рече Бесими.

Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се на речиси идентично ниво во однос на планот, вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или за 5,5%, односно за околу 13 милијарди денари повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2020 година (пред започнувањето на кризата предизвикана од КОВИД-19 ). Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,5% од БДП.

Comments are closed.