2 ноември 2020, Скопје – Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски учествуваше на дискусија за новиот Предлог-закон за буџети со којшто се воведуваат системски решенија во јавните финансии, како што се среднорчно планирање и фискален совет. Предлог-законот е ставен за јавна дискусија на ЕНЕР, а денеска беа разменети идеи и размислувања со претставници од невладиниот сектор, односно со невладините организации Отворено општество и ЗМАИ.
Законот беше презентиран на јавната дискусија, а потоа беа сослушани размислувањата и посочувањата на дел од невладините организации. Во продолжение го пренесуваме во целост обраќањето на заменик- министерот за финансии, Димитар Ковачевски.
„Би сакал да изразам задоволство за поканата да присуствувам на дебатата организирана за новиот Ппредлог-закон за буџетите (Organic Budget Law).
За да се постигне ефикасно, транспарентно и модерно управување на јавните финансии, Владата ја спроведува Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии (PFM- Public finance management reform programe), којашто има за цел унапредување на одредени области во јавните финансии: администрирање и наплата на приходите, фискално прогнозирање, подготвување и извршување на Буџетот, јавни набавки, управување со долгот, јавна внатрешна финансиска контрола и надворешна ревизија.
Во постојниот Закон за буџетите од 2005 година (со неколку дополнителни измени) уредени се постапките за изготвување, донесување, извршување на Буџетот на Република Северна Македонија и буџетите на единиците на локалната самоуправа и на градот Скопје, како и известување за извршување на буџетот, кои пак не се во согласност со новите трендови, препораки на меѓународи институции и директиви на Европската Унија.
Од наведените причини Министерството за финансии ја увиде потребата од изработка на целосно нов закон.
Министерството за финансии веќе извесно време работи на подготовка на овој закон во соработка со експерти од меѓународни институции – ММФ, Светска банка, Европската Унија и Владата на Обединетото Кралство. Во изминатиов период значително внимание има посветено на финализирање на изработката на нов современ концепт за управување со јавните финансии, дизајниран преку новиот Закон за буџетите што беше најавен на ЕНЕР за објава на почетокот на оваа година, пред почетокот на кризата, но поради новонастанатата ситуација се објави на почетокот на минатиот месец.
Би сакал да истакнам дека подобрувањето на управувањето со јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетско планирање е еден од најголемите приоритети на Владата на Република Северна Македонија во процесот на пристапување во Европската Унија.
Новиот Предлог-закон за буџетите е во согласност со директивите на ЕУ и со опредeлба за подобрување на системот за управување со јавните финансии, со цел обезбедување рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност.
Во Законот соодветно се предложени фискални правила, како и воспоставување Фискален совет, кој треба да обезбеди независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, фискалната стратегија, буџетот, извештаите за реализација на буџетот, фискалните ризици, исполнувањето на фискалните правила и слично.
Покрај воспоставувањето на фискалните правила и Фискалниот совет, новиот механизам на Законот содржи одредби коишто се однесуваат на:
- објавување регистар на субјекти од јавниот сектор;
- подобрување на процесот на среднорочна фискална стратегија, подготовка на основно сценарио и нови иницијативи; и
- подобрување на транспарентноста (поднесување податоци за јавни претпријатија, единици на локална самоуправа). Во однос на транспарентноста, вредно е да се спомене дека Министерството за финансии од минатата година значително ја подобри транспарентноста воведувајќи алатки со кои ѝ овозможи на јавноста преглед на сите трансакции на буџетските институции во рамките на Централниот буџет и единиците на локалната самоуправа преку порталот Open Finance (Отворени финансии). Потоа, и со алатката Public Debt (Јавен долг) со отворање на податоците за јавниот долг (состојбата на долгот, неговото движење по години, раздолжувањата, повлекувањата за 2020 година и како ќе се финансира истиот), како и со алатката за капитални расходи, што претставува визуелизација на остварените капитални расходи по буџетски корисник, наспроти неговиот годишен буџет;
- воспоставување Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС) кој претставува клучна реформа во системот на управување со јавните финансии и е неопходен за примена на новиот Закон за буџетите. Во текот на 2019 година, Министерството за финансии со експерти на Светска банка, преку проект финансиран од Обединетото Кралство, интензивно работеше на развој на функционални и технички барања за новиот ИФМИС. Како резултат, изработивме детална техничка спецификација, врз основа на која во текот на 2020/2021 година треба да се изработи тендерско досие и да се спроведе јавна набавка за новиот интегриран систем.
За да се остварат очекуваните резултати од новиот Закон за буџетите, во следниот период планирани се повеќе активности како што се:
- анализа на постоечките законски и стратешки документи во клучни области од јавните финансии,
- изработка на нови класификации,
- унапредување на среднорочното буџетско планирање во согласност со препораките од ЕУ , унапредување на среднорочното планирање на приходите, буџетското салдо и јавниот долг,
- изработка на упатства, прирачници, организирање семинари, обуки и слично.
Во наредниот период, Министерството за финансии, во соработка со Светска банка, како и преку ЕУ ИПА твининг проектот „Зајакнување на функциите на буџетското извршување, планирање и внатрешна контрола“ (Strengthening budget planning, execution and internal control functions), ќе продолжи да работи на подготовка на подзаконските акти како неопходен дел од новиот Закон за буџетите, насоки, прирачници и други документи чија цел е операционализација на новиот Закон за буџетите, понатамошни подобрувања на системот за УЈФ (управување со јавните финансии) и развивање детален план за сите работни процеси во Министерството за финансии.
Дополнително, би сакал да го потенцирам фактот дека, во изминатиов период, во услови на бројни предизвици, вклучувајќи ја и здравствено–економската криза, преку ефикасна и јавна потрошувачка се обезбеди редовно и навремено сервисирање на обврскте на државата.
Во наредниот среднорочен период, фискалната политика ќе биде насочена кон консолидација на јавните расходи, поттикнување на економската активност преку капиталните расходи и инвестициите во инфраструктурата, како и подобрување на условите за водење бизнис и отворање работни места.
Истовремено ќе се продолжи со определбата за спроведување дисциплинирана буџетска потрошувачка со акцент на рестриктивност и контрола на помалку продуктивните трошоци, за сметка на зголемување на инвестициските вложувања во капитални проекти.
Утврдените основни постулати на фискалната политика во наредниот период обезбедуваат етапна фискална консолидација со постепено намалување на нивото на дефицитот.“