7 ноември 2020 година, Скопје – Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска заедно со министерот за финансии, д-р Фатмир Бесими денес одржаа заедничка прес-конференција посветена на Законот за финансиска поддршка за исплата на плати и спроведување на мерките од четвртиот пакет антикризни мерки.
На почетокот, министерот истакна дека мерката финансиска поддршка за исплата на плати значи зачувување на работните места, потоа дека за илјадници вработени значи и задржување на платата на исто ниво и дека оваа мерка е финансиска инјекција од 70 милиони евра во стопанството. А потоа се осврна и на другите мерки од четвриот пакет антикризни мерки.
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска истакна дека мерките што придонесуваат да се задржи на работа секој вработен е врвен приоритет на Владата, на Министерството за финансии и на Управата за јавни приходи преку која истите се спроведуваат. Со овие мерки се овозможува исплата на плата најмногу до 21.776 денари, односно 17.410 денари за самостојните вршители на дејност. Директорката се осврна на условите и начинот на користење на мерката која започнува со електронско поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на плати за работниците преку e-tax, по што Управата за јавни приходи ќе одговори за комплетноста на барањето веднаш, односно најдоцна за 3 дена. Понатаму, директората објасни дека работодавецот на којшто му е прифатено барањето, тој во МПИН пресметката, во полето 3.4б за работниците за коишто побарува финансиска поддршка треба да внесе шифра 5001, а УЈП, по обработката на МПИН образецот, ќе го информира работодавецот за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе му биде исплатена за соодветниот месец. Оние работодавци кои освен финансиската поддршка за исплата на плата за работниците имаат право да користат и мерка субвенционирање на социјалните придонеси и/или данок на личен доход, во полето 3.23 од МПИН образецот ја внесуваат соодветната шифра за ослободување и истата ја комбинираат со шифрата 5001.
По обработка на податоците, УЈП ќе ја информира Владата на РСМ за тоа кои работодавци ги исполниле условите за финансиска поддршка, заради натамошна исплата на финансиските средства кои преку Владина програма за финансиска поддршка ќе се исплаќаат до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец.
Директорката ги објасни и условите што треба да бидат исполнети за да се овозможи финансиска поддршка за исплата на плати за работниците:
- остварениот приход на работодавецот во референтниот период од април до септември 2020 година да е намален за повеќе од 30% споредено со истиот период минатата година за исплатата на плата за октомври, односно референтниот период од април до октомври 2020 година со истиот период од 2019 година за поддршката за ноември, односно референтниот период април- ноември 2020 година со истиот период од 2019 година за финансиската поддршка за декември;
- бројот на вработени во месецот за којшто се бара финансиска поддршка да е ист или поголем во однос на бројот на вработени заклучно со август 2020 година со исклучок на оправданите основи за престанок на работен однос;
- работодавецот да не исплатил и нема да се изврши исплата на дивиденда и награда за деловна успешност или друг вид годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавецот – барател на финансиска поддршка, до денот на исплатата на платата за декември 2020 година;
- работникот за кого се бара финансиска поддршка да нема остварено нето-плата поголема од 39.000 денари за месеците јуни, јули, август или септември 2020 година за секој месец одделно и сразмерно на часовите пријавено работно време;
- работодавецот нема да исплатува нето-плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиската поддршка на повеќе од 10% од вкупниот број вработени;
- за работникот за кој се бара финансиска поддршка, работодавецот да не користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (за мерките од проектот „Македонија вработува“);
- работникот за кој бара финансиска поддршка не е работник пријавен на дополнително работно време согласно член 121 од Законот за работните односи;
- во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година да има остварено кумулативно акумулирани добивки пред оданочување помали од 600.000.000 денари, односно поголеми од 600.000.000 денари ако има повеќе од 2.000 вработени лица во месецот за кој користи финансиска поддршка;
- за времетраење на финансиската поддршка и два месеца по месецот за којшто е користена финансиската поддршка, нема да го намали бројот на вработените освен заради: пензионирање и смрт на работник, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавецот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски, спогодбено преземање работник, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.
Оправданите намалувања на бројот на вработени кај работодавецот – корисник на финансиска поддршка не смее да се намали за повеќе од: 15% кај работодавец кој имал до 50 вработени, односно 10% кај работодавец кој имал од 51 до 250 вработени, односно 5% кај работодавец кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.
Висината на износот на финансиската поддршка по вработен ќе зависи од степенот на намалениот приход на работодавецот:
– за намален приход од 30,01% до 40% финансиска поддршка до 14.500 денари по вработен;
– за намален приход од 40,01% до 50% финансиска поддршка 15.955 денари по вработен;
– за намален приход од 50,01% до 60%, финансиска поддршка до 17.410 денари по вработен;
– за намален приход од 60,01% до 70%, финансиска поддршка до 18.865 денари по вработен;
– за намален приход од 70,01% до 80%, финансиска поддршка до 20.320 денари по вработен и
– за намален приход од над 80% финансиска поддршката 21.776 денари по вработен.
Средствата од финансиската поддршка се враќаат до 50% од примената финансиска поддршка, а ги враќа оној работодавец кој има искажано позитивен финасиски резултат зголемен за непризнаените расходи и кој нема обврски по основ на неплатени даноци и придонеси. Враќањето ќе се врши на 3 месечни рати без камата во месеците октомври, ноември и декември 2021 година.
Работодавците кои искажале негативен финансиски резултат односно искажале загуба пред оданочување и немаат обврски по основ на неплатени даноци и придонеси немаат обврска да ги враќаат примените финансиски средства.
Директорката апелираше на доследно почитување на Законот во поглед на исплата на плати на работниците и посочи дека одредбите од Законот предвидуваат дека работодавецот кој дал неточна или невистинита Изјава ќе одговара согласно одредбите од Кривичниот законик. А глоба ќе се изрече за сторен прекршок на правните лица и на одговорните лица во правните лица ако:
– на вработениот за кој примил финансиска поддршка, исплатил пониска плата од износот на примената финансиска поддршка,
– не ја исполни обврската за враќање на добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд поради неисполнетост на условите за добивање финансиска поддршка.
Глобите ќе се движат од 500 до 1000 евра за малите правни лица односно од 1000 до 10.000 евра во денарска противвредност за големите правни лица. Глобите за одговорното лице во правното лице ќе се движат од 100 до 500 евра во денарска противвредност.
Прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.
САМОСТОЈНИТЕ ВРШИТЕЛИ НА ДЕЈНОСТ поднесуваат Барање за финансиска поддршка преку системот Е-ПДД, а висината на финансиската поддршка изнесува 17.410 ден. на месечно ниво.
Со поднесување на барањето, вршителот на дејноста дава изјава за исполнетост на условите за добивање финансиска поддршка односно дека неговиот остварен приход е намален за повеќе од 30% за референтниот период од април до септември 2020 година, споредено со истиот период минатата година за исплатата на плата за октомври, односно референтниот период од април до октомври 2020 година со истиот период од 2019 година за поддршката за ноември, односно референтниот период април- ноември 2020 година со истиот период од 2019 година за финансиска поддршка за декември.
За времетраење на финансиската поддршка и четири месеци по месецот за којшто се користи финансиската помош, физичкото лице што врши самостојна дејност – корисник на финансиска поддршка, не може да престане со вршење на дејноста, освен во случај на пензионирање и смрт на физичкото лице.
Самостојните вршители на дејност коишто се оданочуваат според вистински остварен доход, имаат обврска да ја вратат примената финансиска поддршка најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат за 2020 година, пред оданочување, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели. Даночниот обврзник поднесува Барање за пресметување на износот за враќање на примената финансиска поддршка до Управата за јавни приходи најдоцна до рокот за поднесување на Годишниот даночниот биланс за 2020 година.
При извршена контрола од УЈП или ДИТ (Државен инспекторат за труд) доколку се утврди дека самостојниот вршител на дејност не ги исполнил условите предвидени за добивање финансиска поддршка, должен е да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со каматата утврдена согласно Законот за даночна постапка.
Директорката, уште еднаш ги повика работодавците да ја искористат оваа мерка и порача дека државата се грижи за сите, и само заеднички можеме да ја пребродиме оваа криза и од неа да излеземе како победници.
Здравјето е пред сé, но и задржување на економијата на цврсти нозе е главен приоритет и на Управата за јавни приходи и на Владата, којашто неуморно работи во креирање на економските политики и антикризни мерки со цел надминување на оваа криза.