Вести|

9 ноември 2020, Скопје – „Наредната година очекуваме да биде година на економско заздравување. Буџетот за 2021 година треба да претставува основа за долгорочен раст, побрз од оној досега, што ќе се постигне преку развој на човечките ресурси, зајакнување на конкурентноста на компаниите и владеење на правото, како и подигнување на капацитетот на институциите“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на средба одржана по повод подготовка на Предлог-буџетот за 2021 година со претседателите на стопанските комори, Бранко Азески на Стопанска комора на Македонија, Неби Хоџа на Комора на Северозападна Македонија и Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори, а која присуствуваше онлајн.

Бесими со претсeдателите на коморите дискутираше за планот за економски раст во чии рамки е дизајниран и Предлог-буџетот за 2021 година, како и за мерките од четвртиот пакет-мерки што треба да се спроведат во наредниот период, а преку чие спроведување ќе се поддржи растот на економијата.

– Поддршка на здравствениот сектор е првиот приоритет, којшто е пресликан во Предлог-буџетот за 2021 година. Втора цел е економско заздравување, преку мерки за социјално ранливи категории, поддршка на економијата и зачувување на работните места. Следно, во Буџетот се предвидува во текот на наредната година да почнеме да се фокусираме колку што е можно повеќе, на политики коишто ќе поддржат инвестиции за зголемување на конкурентноста и политики коишто ќе поддржат реализација на капиталните инвестиции, што на среден рок ќе значи одржлив раст односно забрзување на стапката на растот, нагласи Бесими.

Воедно тој посочи дека се работи на механизми за подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции и развојните проекти, при што ќе биде воведена методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст.

Во однос на четвртиот пакет-мерки, особено беше ставен акцент на државната гарантна шема, новите сто милиони евра за микро, мали и средни претпријатија како и на укинувањето на парафискалните давачки, а коишто треба да се имплементираат во текот на целата наредна година.

– Преку државната гаранција и царинска гаранција коишто ќе се издаваат преку Развојната банка, ќе се обезбеди полесен пристап до финансиски средства кои се пласираат од страна на комерцијалните банки за поддршка на приватниот сектор, како и гаранција за царинскиот долг за увоз на суровини коишто се користат за производство на готов производ наменет за извоз. Целта на гарантната шема е поддршка на ликвидноста на компаниите, нивната конкурентност и извозот. Во насока на обезбедување свеж капитал за поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството и зголемен извоз се и новите сто милиони евра од ЕИБ што ќе се пласираат преку Развојната банка. Во текот на 2021 година ќе се спроведува и мерката за укинување на парафискалните давачки, се со цел намалување на одреден дел од товарот на компаниите, – рече Бесими и потенцира дека овие мерки значително ќе влијаат на конкурентноста на компаниите и зголемувањето на вработеноста.

Од стопанските комори ги поздравија заложбите на Владата за справување со економската состојба и повикаа на побрзо спроведување на истите со цел подобро справување со економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. 

Comments are closed.