14 ноември 2020, Скопје – Буџетот за 2021 година за првпат има подолгорочно планирање, односно за првпат се претставува повеќегодишна рамка. Исто така, тој содржи мерки коишто се фокусирани да им помогнат на компаниите зафатени од ковид-кризата, преку поддршка на работната сила, даночни олеснувања и поддршка преку кредити, нотира Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ во својот извештај за кредитниот рејтинг на земјата, кој го потврди на ББ+ со негативен изглед.
Агенцијата за кредитен рејтинг во својот извештај, од аспект на Буџетот посочува дека буџетскиот дефицит ќе почне да се намалува од следната година и ќе продолжи да се намалува на среден рок, така што во 2022 година ќе се сведе на 3,4%. Тоа ќе влијае на стабилизирање на државниот долг, кое агенцијата очекува да се случи во 2022 и 2023 година и дека истиот ќе изнесува 53% од БДП.
Агенцијата за кредитен рејтинг проектира пад на македонската економија во 2020 година за 5% и нејзино опоравување во 2021 и 2022 година со раст од 3,9% и 4,5% респективно. Очекувањата се дека во следниот период ќе се зголемат инвестициите и ќе зајакне приватната потрошувачка. Од „Фич“ наведуваат дека текот на опоравувањето ќе биде зависен од текот на здравствената криза, односно дали во земјата ќе има нови мерки коишто ќе влијаат на затворање на капацитетите, но и каква ќе биде надворешната побарувачка со оглед на економскиот модел на македонската економија базиран на извозот од странските директни инвестиции во земјава.
„Фич“ истакнуваат дека потврдата на рејтингот на земјава се должи од една страна на спроведувањето добри политики на владеење, развој на човечкиот капитал, индикаторите за поволна бизнис-клима, кохерентноста на макроекономската и фискалната политика, како и процесот на евроинтеграции. Од друга страна се негативните ефекти на ковид-кризата врз економијата.