Вести|

15 ноември 2020, Скопје – Од следната година буџетскиот дефицит ќе се намалува, за да до 2025 година се сведе на 2,1% или под Мастришкиот критериум. Предвидена е консолидација на буџетскиот дефицит, но приоритет е да се реализираат политиките на Владата за заштита на здравјето на граѓаните и на заштита на економијата, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на дебатата на МТВ за Буџетот за 2021 година, на која учествуваа и претседателот на Владата, Зоран Заев и економски експерти.

– Имаме неколку цели коишто се ургентни – едната е здравјето на граѓаните, понатаму одржување на економијата и третата е сите други важни процеси, вклучително  евроинтеграциските процеси и водење на правото, потоа инвестирањето во човечки ресурси кои  ќе бидат двигатели на долгорочниот раст – рече Бесими.

Министерот за финансии посочи дека фискалната консолидација ќе се изврши преку дејствување и на приходната и на расходната страна. Од аспект на подобрувањето на наплатата на приходите во Буџетот, Бесими ги посочи мерките за намалување на сивата економија, за спречување и сузбивање на корупцијата, понатаму зајакнати инспекциски контроли од страна на Управата за јавни приходи, мерки за наплата на даночниот долг од страна на поединци и трговски друштва и стратегија за даночна политика којашто ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на даночниот систем.

Во однос на намалувањето и реструктурирањето на расходите, Бесими рече дека истото ќе се спроведе преку кратење на неприоритетните и несуштинските трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор, иновациите и зајакнувањето на конкурентноста, како Гарантниот фонд и фондот за мобилизација на приватен капитал, рационализација и ревидирање на трансферите и субвенциите (социјалните, секторските и локалната власт), зголемување на ефикасноста на реализација на капиталните расходи и анализа на буџетската структура.

Comments are closed.