15 ноември 2020, Скопје – Сивата економија, којашто изнесува околу 37% од Бруто-домашниот производ, може да се сузбие само преку мерки кои ќе придонесат ризикот од дејствувањето во рамки на сивата зона да биде поголем од приносот од истото, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на дебатата за Буџетот за 2021 година на МТВ, на која учествуваа и премиерот Зоран Заев и економски експерти.
– Тоа што сакаме да го постигнеме, со економски речник се вика да се зголеми опортунитетниот трошок на сивата економија, односно народски тоа значи ризикот за сива економија да биде поголем од приносот од сивата економија. Со мерките ќе се намали приносот, бидејќи во формалната економија поедноставно е да се работи. Со зајакнување на контролите ќе се создаде свест дека може многу повеќе да се загуби, отколку да се добие – вели Бесими.
Како мерки за сузбивање на сивата економија Бесими ги наведе дигитализацијата, понатаму мерки коишто ќе ја зајакнат даночна свест и ќе ги мотивираат даночните обврзници да ја извршат својата обврска, воведување на субјектите во формалната економија, но и зајакнати контроли.