19 ноември 2020, Скопје – Во рамки на редовната мисија на Меѓународниот монетарен фонд предводена од Бергјот Бјорнсон Баркбу, е одржана завршна средба со министерот за финансии, Фатмир Бесими, а на која беа презентирани заклучните согледувања во однос на макроекономските и фискалните проекции за наредниот период.
Министерот за финансии изрази цврсто уверување дека преземените и планираните политики и мерки ќе доведат до забрзување на економскиот раст во наредниот петгодишен период и ќе го зголемат потенцијалот на раст во домашната економија преку инвестиции во инфраструктура, енергетика, животна средина како и во човечки капитал и дигитализација.
„Политиките коишто ќе ја поддржат домашната побарувачка, како и инвестициите, конкурентноста и извозната активност ќе продолжат и во 2021 година со цел побрзо опоравување на домашната економија и создавање основа за забрзан економски раст на долг рок. Планираната фискална консолидација, редизајнирањето на буџетската политика и Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth) се цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, достигнување на нивото на економијата од преткризниот период во втората половина на 2022 година и обезбедување побрза динамика на економски раст потоа. Согласно индикативните проекции, економскиот раст во 2025 година се очекува да стигне 5,9%, а во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75% годишно“, потенцира министерот Бесими.
Пандемијата, како што истакна министерот, доведе до најголема економска криза што се случила од Големата депресија наваму, предвидливоста е тешка, но среднорочната проекција е неопходна и клучна за дефинирање на моделот на побрз економски раст базиран на иновации, човечки капитал и дигитализација.