23 ноември 2020, Скопје – Финансиската писменост е јавен интерес, бидејќи индивидуалните и лични финансиски одлуки влијаат врз целокупниот економски раст и развој – заклучија првите луѓе на финансиските регулаторни тела, кои се дел од Координативното тело за финансиска писменост во коешто учествуваат Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). На настанот со којшто се најавија Деновите на финансиска писменост, коишто ќе се одбележуваат до 26 ноември и за првпат се одржуваат виртуелно, се обратија министерот за финансии, Фатмир Бесими, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, претседателката на КХВ, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али и претседателот на советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.
Министерот за финансии посочи дека технологијата нуди нови можности и дека граѓаните треба да се информираат и да ги следат трендовите за сопствено но и за општо добро. Тој најави дека следниот месец ќе има јавна расправа за Законот за платни системи со кој се предвидуваат нови решенија и финтек можности и услуги коишто се нудат на глобално ниво и за нашите граѓани.
„Финансиската писменост не е само лично добро, тоа е јавен интерес. Кога повеќе луѓе знаат подобро да ги вреднуваат економските работи и да донесат поисправни финансиски одлуки, од тоа имаат корист сите, бидејќи тогаш имаме помала веројатност за финансиски кризи, имаме поголема веројатност за стабилни инвестиции за стабилен раст. Затоа е важна финансиската писменост, не само заради лична добит, туку заради општиот интерес“, рече Бесими.
Гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска, меѓу другото посочи дека најновата анкета на ОЕЦД за Југоисточка Европа јасно укажува на позитивни поместувања од аспект на финансиската писменост во целиот регион, вклучително и кај нас, но истовремено ја нагласува и потребата од натамошни постојани напори на регулаторите во оваа сфера. Нивото на финансиската писменост на возрасното население кај нас изнесува 56% од максимумот, што е блиску до просекот во Југоисточна Европа од 57%, но е пониско од постигнатите резултати на земјите од ЕУ и ОЕЦД, од 64% и 65%, соодветно, што упатува на неопходност и од натамошни активности.
„Активностите што ќе се спроведат во текот на Деновите на финансиската писменост се само дел од низата активности коишто ќе следат во претстојниот период. Овде пред сѐ би посочила на активностите за подготовка на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто наскоро би била завршена. Сето она што го предвидовме во неа се заснова врз најдобрите меѓународни практики во сферата на финансиската едукација затоа што „Едукацијата е пасош за иднината, бидејќи иднината им припаѓа на оние коишто денес се подготвуваат за неа“, истакна гувернерката.
Нора Алити, претседателка на КХВ, посочи дека финансиската едукација станува сѐ посуштинска, не само заради секојдневните финансиски потреби, туку затоа што влијае и на економскиот раст, финансиската стабилност, растот на индивидуалната благосостојба и на што е можно пошироката финансиска инклузивност на граѓаните.
„Инвестирањето во финансиската едукација е инвестирање во иднината. Оваа година, Комисијата за хартии од вредност, со цел одбележување на Деновите на финансиската едукација, ќе објави една нова едукативна брошура со наслов „Инвестирај мудро, управувај паметно“, на македонски, албански и англиски јазик, заедно со неколку анимирани видеа, коишто ги третираат поимот за хартии од вредност, тргувањето со финансиски инструменти и заштита при инвестирање на пазарот на капитал“, рече Алити.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, Максуд Али, истакна дека здравствената криза и во капитално финансирано пензиско осигурување предизвика прилагодување на ресурсите на развој на дигитално поврзување помеѓу институциите и развој на алатки како што се апликации за членување во пензиските фондови и за следење на индивидуалните сметки на самите членови. Почитувајќи го ставот дека процесот на едукација и информирање на членовите за финансискиот и пензискиот систем е континуиран процес, како и минатите години, Агенцијата во текот на целата 2020 година спроведува активности, некои со Координативното тело за финансиска писменост и финансиска инклузија, некои со пензиските друштва, а некои индивидуално.
Али исто така истакна дека, Агенцијата како регулатор и супервизор посветено ќе продолжи и во иднина постојано да работи кон промоција на пензискиот систем и финансиската писменост и инклузија за развивање на свеста на јавноста. Воедно ќе продолжи да соработува со институциите вклучени во пензиското осигурување и релевантните институции од финансиската област во насока на остварување на својата мисија да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови и да го поттикне развојот на капитално финансираното пензиско осигурување заради посигурни пензионерски денови.
Претсдеталот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски посочи дека во контекст на финансиската едукација Агенцијата поизразито ќе се отвори кон граѓаните.
„Зголемувањето на транспарентноста е најдобар одговор на предизвиците пред кои сме исправени. Нема поголема едукација од фактот да се зголеми довербата на осигурениците во осигурителниот сектор. Нема поголема едукација од зголемување на изборот на осигурителни полиси коишто ќе им стојат на располагање на корисниците и промовирање на истите. Основната функција на полисите е заштита на сигурноста на животот и имотот, но осигурувањето има функција и мобилизација на слободните финансиски средства, нивна капитализација и оплодување“, рече Шајноски.
Во текот на Деновите на финансиската писменост, финансиските регулатори организираат бројни активности, за коишто јавноста ја известуваат и преку своите веб-страници и преку официјалните страници на социјалните мрежи.