28 ноември 2020 Скопје (МИА) – Тековните потреби и понатаму ќе се сервисирааат непречено. Во најголема криза пензиите ги исплаќавме порано, редовно се исплаќаат платите и не се доцни со обврските. Тие ќе се сервисираат редовно и навремено и догодина. Предлог-буџетот за 2021 година би го опишале со пет збора – реален, стратешки, ревитализирачки, развоен и транспарентен.
Ова во интервју за МИА го истакнува заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, кој потенцира дека наредната година ќе се смени децениската практика наназад од „инвестиции на хартија“, односно дека идејата не е само да се стават бројките на хартија, туку и да се види квалитетот на проектите, односно нивното влијание врз економјата и растот.
– Решени сме да ја смениме децениската практика наназад од „инвестиции на хартија“. Tоа ќе го направиме преку мерки со кои ќе се „поттурнат“ институциите да имаат подобар перформанс. Првиот од тие механизми е токму повеќегодишната рамка, со која ќе се обезбеди подобро планирање на вакви крупни проекти, кои се протегаат во повеќе фискални години и еден од проблемите досега е што ја немаше таа рамка – појасни заменик-министерот.
Тој додаде дека е предвидено воспоставување механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи.
– Така, буџетските корисници со Предлог-законот за извршување на буџетот за 2021 година се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15 отсто од проектираните капитални расходи, со вториот најмалку 40 отсто, со третото најмалку 65 отсто, согласно Законот за извршување на Буџетот за 2021 година. Од оние што нема да ги реализираат средствата, истите ќе бидат насочени онаму каде што има подобра реализација – истакна Ковачевски.
Напомена дека ќе се поддржат крупни капитални проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина, кои имаат повеќегодишна рамка.
За здравството, како врвен приоритет во Буџетот за 2021 година, предвидени се 663,7 милиони евра што е за 40 милиони евра повеќе во однос на иницијалниот буџет за годинава. Покрај превентивните и куративните здравствени програми, предвидени се и инвестициски проекти како што се изградбата на Универзитетски клинички центар во Скопје, реконструкцијата и доградба на Регионалната клиничка болница Штип, како и Проектот за итно справување со КОВИД-19.
Најавува дека во наредниот среднорочен период ќе се фокусираат на намалување на тековните расходи, така што ќе се направи рационализација на истите, дека се очекува на среден рок јавниот долг да се сведе на 58,8 отсто или под Мастришкиот критериум, а многу скоро се очекува и реализација на мерката од четвртиот пакет за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани, со којашто се доделуват 6.000 денари еднократно на околу 300 000 граѓани.
– Одлучено е законот да оди по скратена постапка во Собрание и очекувањата се дека набргу ќе се донесе. Со оваа мерка, освен поддршката на ранливите категории граѓани, како што се пензионерите, самохраните родители, децата без родители, ќе се инјектираат и ликвидни средства во стопанството за кус период и на тој начин ќе се дејствува врз раздвижување на економската активност – рече заменик-министерот Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА. Во продолжение го пренесуваме целото интервју.
Предлог-буџетот за 2021 година веќе влезе во собраниска расправа. На дневен ред е во матичнaта Kомисија за финансирање и буџет, по што следува расправа на пленарна седница и негово усвојување. Ова е најголем буџет досега на планирани 212,6 милијарди денари. Во услови на голема неизвесност и криза дали сметате дека ќе нема проблем со собирање на приходите?
Пет збора коишто би го опишале Предлог-буџетот за 2021 година се – реален, стратешки, ревитализирачки, развоен и транспарентен. Мора, исто така, на почеток да ве коригирам дека не е најголем буџет досега, со оглед дека расходната страна е пониска во однос на сегашната проекција за 2020 година.
Зошто реален? Да тргнеме од проекцијата за економскиот резултат за 2021 година врз основа на која е проектиран Буџетот. Таа изнесува 4,1 отсто и е во линија со проекциите на меѓународните финансиски институции. Приходната страна е проектирана на ниво од 8,3 отсто повисоко во однос на годинава, врз основа на очекувањата за раст, реализацијата на приходите во тековната 2020 година, даночната политика насочена кон подобрена наплата на даночните приходи, јакнење на механизмите за намалување на неформалната економија, како и поддршка на приватниот сектор,
Расходите се проектирани на ниво од 2,1 отсто пониско во однос на Буџетот за 2020 година и тие се подготвени врз основа на проекцијата на приходите со планираните движења во економијата, фискална консолидација, економско заздравување и забрзан раст, редовно и непречено извршување на сите законски обврски, дисциплинирана буџетска политика и зајакната контрола на јавните трошења, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување странски инвестиции и иновативност на домашните компании, поддршка на политиките за пораст на економијата и на животниот стандард на населението, приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските што произлегуваат од членството во НАТО. Политиките опфатени со расходната страна се во насока на ревитализирачкиот и развоен карактер на Буџетот за 2021 година.
Буџетот за 2021 година за првпат гледа подалеку од 12 месеци и мора да се истакне дека ова е огромен чекор – да се даде извесност и план за подолг рок, особено во еден ваков неизвесен период. Дополнително, петгодишната рамка е во насока на обезбедување поголема транспарентност пред даночните обврзници за тоа како ќе се трошат средствата на еден среден рок.
Во делот на здравството, дали Буџетот ќе биде насочен само кон справување со пандемијата или се предвидени и инфраструктурни проекти?
Врвен приоритет во Буџетот за 2021 година е здравјето на граѓаните и средствата што ги обезбедивме за здравството кореспондираат со тоа. За здравството како област, за следната година имаме обезбедено висока сума од 663,7 милиони евра. Ова е за речиси 40 милиони евра повеќе во однос на иницијалниот буџет за 2020 година, односно пред ковид-кризата. Вo рамки на овие средства предвидени се пари за превентивните и куративните здравствени програми, но и за инвестициски проекти.
Инвестициските активности се насочени кон набавка на медицинска опрема за потребите на јавните здравствени установи, изградба, реконструкција и доградба на 62 објекта на јавни здравствени установи, за амбулантите во руралните подрачја, средства за општата болница во Кичево, како и средства за реализација на проектите клинички центри во Скопје и Штип.
Во рамки на превентивните и куративните здравствени програми се преземаат активности со цел остварување подобра комуникација и обезбедување квалитетни здравствени услуги. Кај превентивните програми има средства за превенција од кардиоваскуларни болести, систематски прегледи на ученици и студенти, активности за организирање и унапредување на крводарителството, имунизација на населението преку набавка на вакцини – вклучително и вакцини против Ковид-19, континуирана набавка на лекови за болни од туберкулоза, заштита на населението од СИДА, активна здравствена заштита на мајки и деца, скрининг за рана детекција на малигни заболувања итн. Во рамки на куративните програми има средства за пунктови за бесплатни прегледи по плоштади и рурални места, обезбедување на трошоците за болни коишто се третираат со дијализа и активности за пациенти со хемофилија, набавка на лекови за лекување ретки болести, набавка на инсулин, болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната и за деца до 18 години чии семејства се приматели на социјална парична помош, како и активности за едукација на лекари и медицински персонал.
Колкави се средствата за заздравување и забрзан раст на економијата и како ќе се обезбеди подобра реализацијата на капиталните расходи?
Со Буџетот за 2021 година издвоени се 1,141 милијарда евра за областа економски работи. Со нив ќе се поддржат инвестициските активности на домашните претпријатија, привлекување странски директни инвестиции, инвестирање во развојните зони, малите и средни претпријатија, подобрување на конкурентноста, поддршка на домашниот туризам итн. За целокупната област за економски развој во 2021 година се обезбедени за 4,5 проценти поени повеќе во однос на Буџетот во 2019 година, како еден преткризен буџет.
Во однос на капиталните расходи за 2021 година, тие се на ниво од 373,7 милиони евра или за 20 отсто повисоки во однос на она што го проектиравме последно за годинава. Овие средства се дел од поголем инвестициски пакет предвиден со петгодишната рамка, кој е во износ од 3,1 милијарда евра.
Со овие средства ќе се поддржат крупни капитални проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина, коишто имаат повеќегодишна рамка.
Во рамки на овие проекти, во делот на патната инфраструктура, во следниот период предвидена е изградба на автопатска делница Скопје-Блаце, изградба на автопатска делница Кичево – Гостивар, подобрување на патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија преку Проектот за локални патишта, финансирање на патниот дел од Коридорот 8 преку делницата Куманово – Ранковце, Ранковце – Крива Паланка, Крива Паланка до границата со Бугарија, финансирање на делницата Кичево – Охрид, Штип – Радовиш, проширување на автопатот Тетово – Гостивар, Програмата за национални патишта, Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, како и Проектот за воведување брз автобуски превоз на територијата на градот Скопје. Во периодот 2020- 2025 година предвидена е изградба на патна делница Градско – клучка Дреново како дел од патниот Коридор 10, рехабилитација на делница Куманово – Страцин, нов експресен пат од Прилеп до мостот на реката Ленишка и изградба на трета лента на патната делница од село Беловодица до каменолом Маврово.
Во делот на железничката инфраструктура, планирано е да започне Проектот за изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија, како и рехабилитација на делницата Куманово – Дељадровце, како и финансирањето на трите фази од изградбата и рехабилитацијата на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8, делот кон Бугарија.
Во областа на гасификацијата, предвидени се изградба на магистрални гасоводи делница Скопје-Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес, изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, како и изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Грција. Во енергетската инфраструктура, проекти што е предвидено да се финансираат се проектите коишто ги имплементираат АД ЕСМ и АД МЕПСО и тоа: Ветерен парк Богданци фаза 2, Топлификација на Битола, 400 kV интерконекција Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан), Фотонапонска електрана Осломеј, Ветерен парк Миравци, Проект за чистење линдан (ОХИС), Фотонапонски електрани Осломеј 2 и Фотонапонски електрани Битола.
Како позначајни проекти планирани да се реализираат во овој период од областа на комуналната инфраструктура се првата и втората фаза на Проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините во Република Северна Македонија. Како големи капитални проекти во областа на земјоделието се Програмата за наводнување на Северна Македонија и Проектот за модернизација на земјоделството.
Во областа на животната средина, значаен капитален проект е изградбата на Пречистителна станица за отпадни води Скопје, како и станиците за цврст отпад во Југозападниот, Вардарскиот, Пелагонискиот Регион, Југоисточниот Регион и Скопскиот Регион.
Од областа на воспоставување инфраструктура за собирање и третман на отпадни води и воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад што ги исполнува условите на ЕУ, како позначајни капитални проекти што ќе се финансираат преку ИПА 2 Програмите во периодот 2020 -2025 година се Рехабилитација и проширување на канализациската мрежа во град Скопје, Проект за изградба на пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализациската мрежа во општина Тетово, рехабилитација и проширување на канализациската мрежа во општина Кичево, изградба на пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализациската мрежа во Битола, проект за затворање депонии во источниот и североисточниот регион, изградба на централен објект за управување со отпад, изградба на фабрика за сортирање, погон МБТ, депонија, постројка за компостирање, зелена точка за источниот и североисточниот регион во Свети Николе, изградба на шест локални објекти за управување со отпад – станици за трансфер, постројки за компостирање и зелени точки за источен и североисточен регион, поддршка при воспоставување регионален систем за управување со отпад – набавка на опрема за Источен Регион, поддршка и подготовка на потребната документација за набавка на опрема за вода за општините Радовиш, Кичево, Струмица, Битола, Тетово, Берово, Куманово и Прилеп, подготовка на проектна документација за подобрување на инфраструктурата за собирање и третман на отпадни води и водоводна мрежа во општина Арачиново.
Во делот на здравството, како што и претходно реков, капитални проекти се изградбата на Универзитетски клинички центар во Скопје, реконструкцијата и доградбата на Регионална клиничка болница Штип, како и Проектот за итно справување со КОВИД-19.
Во делот на образованието, социјалната заштита и правосудство е предвидено да се финансираат следните проекти: изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на фискултурни сали во средните училишта, реконструкција на студентски домови во Република Северна Македонија, Проект за развој на вештини и иновации, реконструкција на јавни предучилишни установи, и други проекти.
Да, но секоја година сме сведоци на голем број проекти на хартија, а реализацијата е слаба. Зошто мислите дека сега ќе се сменат работите?
Затоа што сме решени да ја смениме децениската пракса наназад од „инвестиции на хартија“. Tоа ќе го направиме преку мерки со коишто ќе се „поттурнат“ институциите да имаат подобар перформанс.
Првиот од тие механизми е токму повеќегодишната рамка, со која ќе се обезбеди подобро планирање на ваквите крупни проекти, коишто се протегаат во повеќе фискални години и еден од проблемите досега е што ја немаше таа рамка.
Предвидовме и воспоставување механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи. Така, буџетските корисници со Предлог-законот за извршување на буџетот за 2021 година се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15 отсто од проектираните капитални расходи, со второто најмалку 40 отсто, со третото најмалку 65 отсто, согласно Законот за извршување на Буџетот за 2021 година. Од оние што нема да ги реализираат средствата, истите ќе бидат насочени онаму каде што има подобра реализација.
Исто така, преку методологијата Smart Key Performance Indicators ќе се оценува реализацијата на капиталните инвестиции, а ќе се форсира и довршување и забрзана реализација на крупни инфраструктурни проекти.
Ќе повторам, идејата не е само да се стават бројките на хартија, туку да се види и квалитетот на проектите, односно нивното влијание врз економијата и растот. Затоа предвидуваме усвојување методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст, како и значително кратење и лимитирање на капиталните расходи за купување мебел и возила.
Намалување на неприоритетните трошоци е речиси секогаш наведено, како и во предлогот за наредната година. Ќе се успее ли да се намалат тие трошоци и како во практика би функциониало она што на среден рок е најавено за ограничување на средствата за службени возила?
Со Буџетот за 2021 година се прават значајни резови токму кај овие ставки – нштоабавка на возила и на мебел, односно се оди само на набавки се потребни за работните процеси. На пример, кај ставката „набавка на возила“ има намалување за 66 милиони денари во однос на иницијалниот буџет од 2020 година. Кај ставката „купување мебел“ има за 76 милиони денари помалку во однос на иницијалниот буџет.
Она што е уште поважно е што навистина содржат овие ставки. На пример, ако набавувате мебел за училиште или опремувате градинка или болница – ова е оправдан трошок, исто како што е оправдан трошок набавка на нови медецински возила или возила во Армијата или за сѐ она што има јавен интерес и потреба.
Кој е механизамот со кој ќе го спроведуваме ова? Барање отчет и оправданост на овој вид набавки од страна на буџетските корисниците и, се разбира, оценување дали таа набавка е алатка за вршење основна дејност. На пример, набавка на возила за инспекторатите е оправдана набавка, доколку тоа возило им е потребно да излезат на терен и да извршат контрола, тоа им е основно средство за работа и без тоа не би можеле да функционираат. Доколку пак е обратно и се види дека возилото нема намена и е луксуз на некој начин, нема да се одобрат средства при планирање на Буџетот. Исто така, планирано е да се воведат вредносни лимити при набавката на мебел, набавката на службени возила, вклучително и максимална цена за набавка на службено возило.
Инаку, ќе најавам дека во наредниот среднорочен период ќе се фокусираме на намалување на тековните расходи, така што ќе се направи рационализација на истите. Како мерки ќе ги наведам стагнацијата или лимитирањето на вкупните буџетски трошоци наменети за плати, воведување ограничување за највисоката плата во јавниот сектор, оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација, оптимизирање и реорганизација на јавниот сектор, дигитализација на добар дел од јавните услуги, воведување критериуми за користење канцелариски простор од страна на буџетските корисници, службени авионски патувања само во економската класа.
Можат ли да бидат спокојни граѓаните дека ќе има пари за пензии, плати, исплата на социјални права?
Како и секогаш, тековните потреби ќе се сервисираат непречено. Во најголемата криза, со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните, ги исплаќавме пензиите порано, неколку дена пред почетокот на наредниот месец. Во најголемата криза, редовно се исплаќаат платите и не се доцни со обврските. Спроведовме и спроведуваме четири пакети-мерки за поддршка на граѓаните и стопанството коишто имаат значајни фискални импликации. Ќе продолжиме да ги сервисираме обврските редовно и навремено и догодина.
Кога станува збор за поддршка на човечкиот капитал, има ли предвидено некаде зголемување на платите?
Инвестициите во човечкиот капитал се еден од четирите столба на кој се заснова Стратегијата за економско заздравување и забрзан економски раст. Врз основа, пак, на Стратегијата, на политиките за фискална консолидација и Планот за јавни инвестиции за следните пет години, се заснова Буџетот за 2021 година и исполнувањето на трите основни цели – зачувување на здравјето на граѓаните, економско заздравување и развој и структурни реформи.
Кога зборуваме за инвестиции и поддршка на човечкиот капитал, не зборуваме само за вреднување на нивниот труд, туку континуирано вложување на највредниот ресурс со кој располагаме – човекот, и на тој начин поттикнување креирање додадена вредност. На среден рок ќе работиме на развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување. И кога ќе видите, последните неколку години во сите овие области има обезбедено повеќе средства.
Светска банка, со индексот на инвестиции во човечки ресурси, има измерено дека кај нас децата кога ќе навршат 18 години, согласно условите што ги добиваат при растењето од образование, здравство и социјална заштита, искористуваат само 53 отсто од нивниот целосен капацитет. Тоа е многу помалку од развиените земји и од ЕУ, каде што просекот е од 70 до 80 отсто. Помалку е дури и од регионот каде што просекот се движи околу 60 до 65 отсто. Ова се поразителни податоци и доаѓаат оттаму што со години никој не преземал ништо околу тоа.
Претходниот Буџет, поточно Буџетот за 2019 година го адресираше ова прашање, но настана кризата и приоритетите беа насочени кон одржување на здравјето на граѓаните и економијата. Сепак, ова е многу важно прашање, и во иднина истото е ставено на исклучително важно место во Стратегијата за развој.
Со предлогот, она што ќе недостига за реализација на расходите е 34,8 милијарди денари или 4,9 отсто од БДП. Како ќе се финансира?
Прво и најважно, и покрај ковид-кризата и покрај предизвиците што ги носи неизвесноста, одиме со постепена консолидација на буџетскиот дефицит. Следната година буџетскиот дефицит го кратиме од 8,5 отсто, колку што е проектиран со Буџетот за 2020 година, на 4,9 отсто за 2021 година. Тоа се 3,6 процентни поени кратење за една фискална година.
Во апсолутен износ, проектираниот дефицит за 2021 година изнесува 34,9 милијарди денари. Средствата што треба да се вратат кон странските кредитори изнесуваат 37,2 милијарди денари, додека кон домашните 6,1 милијарда денари. Значи, станува збор за 78,2 милијарди денари или околу 1,3 милијарди евра коишто ќе се финансираат преку позајмување од странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
Домашното задолжување е предвидено на ниво од 23 милијарди денари, а ќе се обезбеди преку задолжување со ДХВ. Со задолжување на домашниот пазар ќе се обезбеди финансирање под поволни услови, користејќи ги поволните каматни стапки. Со цел оптимизација на исплатите, намалување на ризикот за рефинансирање, како и искористување на ниските каматни стапки, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде оптимизација на портфолиото и зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност.
Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање одделни проекти. Притоа, изборот на извор за финансирање ќе се темели на поволните тековни состојби на меѓународните пазари на капитал.
Со цел да се управува прудентно со јавните финансии, Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг. Согласно со проекциите на Министерството за финансии, државниот долг на крајот на 2020 година ќе забележи благо намалување и ќе изнесува 51,2 отсто, додека јавниот долг ќе изнесува 60,8 отсто. Во наредниот среднорочен период, фискалната политика ќе биде насочена кон консолидација на јавните расходи, поттикнување на економската активност преку капиталните расходи и инфраструктурните инвестициите, подобрување на условите за водење бизнис и отворање нови работни места. Истовремено, ќе се продолжи со определбата за спроведување дисциплинирана буџетска потрошувачка со акцент на рестриктивност и контрола на помалку продуктивните трошоци, за сметка на зголемување на инвестициските вложувања во капитални проекти. Согласно тоа, се очекува на среден рок јавниот долг да се сведе на 58,8 отсто или под Мастришкиот критериум.
Да се навратиме кон расправата во Собрание. Предложени се над 500 амандмани од опозицијата. Дали веќе сте запознаени со некои и дали некои од нив ќе бидат прифатени и очекувате ли да се донесе навреме Буџетот, со оглед на тоа што поради пандемијата често нема мнозинство за работа?
Има повеќе амандмани, најголем дел се од областа на транспорт и врски, од локална инфраструктура, водоводи и слично. Со големо внимание, нашиот тим во МФ ги разгледува сите и ја очекуваме амандманската расправа. Можам да кажам дека секој предлог што е добар и воедно издржан, образложен, реален предлог, предлог кој е за доброто на граѓаните, ние ќе настојуваме да најдеме средства и да го прифатиме. Парламентот треба да биде место каде што се дебатираат идеи како да го направиме подобар животот на граѓаните.
Каква е реализацијата на Буџетот во моментов?
Ние редовно го објавуваме остварувањето на Буџетот на месечно ниво, во насока на фискалната транспарентност за којашто се залагаме и којашто останува наш врвен приоритет. Во однос на реализацијата на Буџетот заклучно со октомври 2020 година, можам да кажам дека во однос на приходите, истите се во рамки на очекувањата, а расходите се реализираат редовно и навремено.
Вкупните приходи во периодот јануари-октомври 2020 година се реализирани во износ од 154,5 милијарди денари што претставува 78,7 отсто во однос на планираните за 2020 година. Даночните приходи и социјални придонеси учествуваат со 80,9 отсто во вкупните приходи, при што приходите од социјални придонеси забележуваат дури и подобра наплата во однос на минатата година за 7,7 отсто.
Вкупните расходи се реализираа во износ од 189,4 милијарди денари, што претставува 75 отсто во однос на годишно планираниот износ и мора да се напомене дека растот на расходната страна годинава во најголем дел е резултат на преземените мерки во борбата против кризата предизвикана од КОВИД-19. Истовремено, редовно се сервисираа обврските на државата како за редовните обврски како што се плати, пензии, социјална заштита, така и за сервисирање на мерките.
Капиталните расходи во периодот јануари-октомври 2020 година се реализираа во износ од 9,3 милијарди денари или 48,6 отсто во однос на годишно планираниот Буџет и се на идентично ниво во однос на истиот период од минатата година.
Дефицитот за овој период е во висина од 34,8 милијарди денари или 5,2 отсто од БДП, согласно проектираната динамика.
Во последниот квартал се реализираат мерки за поддршка на граѓаните и стопанството од четвртиот пакет-мерки. Дел од мерките веќе се спроведуваат, а дел се очекуваат. Кога се очекува да пристигнат средствата на трансакциските сметки на граѓаните што се опфатени со финансиската поддршка од 6.000 денари и средствата за инвестиции за компаниите?
Околу 70 отсто од сите мерки од четвртиот пакет се дизајнирани и носител е Министерството за финансии, и морам да кажам дека сум исклучително горд на тимот во Министерството којшто успеа за релативно краток рок да подготви голем број законски решенија кои или веќе се спроведуваат или се во собраниска процедура или се подготвени и за нив има јавни консултации и слично.
За двете мерки за коишто прашавте, едната веќе се спроведува од страна на Управата за јавни приходи, односно финаниската поддршка за исплата на плати, додека втората е во собраниска процедура.
Во однос на финансиската поддршка за работодавачи, за октомври има 14.946 барања, од кои досега прифатени се 13.783 апликации што се однесуваат на 59.303 вработени, а износот е 923.467.176 денари. За самостојни вршители на дејност има прифатено 4.222 барања досега од поднесени 6.844 барања. Би сакал да истакнам дека оваа мерка годинава одржа преку 120 илјади работни места во налетот на најголемата криза, кога голем број од капацитетите не работеа, и очекувам истата да даде добри резултати и сега.
Законот со којшто ќе се спроведе мерката за финансиска поддршка на ранливите категории граѓани е во собраниска процедура и со него ќе се доделат средства од по 6.000 денари еднократно на околу 300 илјади граѓани. Законот e одлучено да оди по скратена постапка на Собрание и очекувањата се дека набргу ќе се донесе. Со оваа мерка, освен поддршката кон ранливите категории граѓани, како што се пензионерите, самохраните родители, децата без родители, воедно ќе се инјектираат и ликвидни средства во стопанството за кус период и на тој начин ќе се дејствува на радвижување на економската активност.
Инаку, мерките од четвртиот пакет коишто се во надлежност на Министерството за финансии, и коишто беа овозможени со ребалансот на Буџетот можат да се категоризираат во четири категории: мерки за директна финансиска поддршка на фирмите, мерки за финансиска поддршка на граѓаните, даночни олеснувања и мерки во насока на системски решенија. Со овие средства ќе се даде поддршка на приватниот сектор и граѓаните за време на вториот ковид-бран, а понатаму ќе дадат поддршка во заздравувањето. Овие мерки се дизајнирани на тој начин да дејствуваат позитивно и на страната на понудата и на страната на потрошувачката и на тој начин да ги амортизираат последиците од кризата.
Буџетот за 2021 година е направен со среднорочна рамка – до каде е новиот Закон за буџети, кој меѓудругото предвидуваше среднорочно буџетирање и воспоставува Фискален совет?
Среднорочното планирање е од исклучителна важност од аспект на стратешко планирање и спроведување програми и проекти, со оглед на тоа дека тие се повеќегодишни. Со среднорочното буџетирање треба да се подобри ефикасноста на планирањето на средствата, притоа имајќи ја предвид целата слика. Така, со Буџетот за 2021 година растот, дефицитот, но и капиталните проекти од Планот за јавни инвестиции, се проектирани на среден рок, односно дадена е петгодишна рамка за нив.
Новиот Закон за буџети е еден стратешки закон предвиден со Прoграмата за управување со реформите во јавните финансии (ПФМ), којшто ќе придонесе во зајакнувањето на планирањето, контролата и реализацијата, а ќе придонесе и кон заложбата за фискална транспарентност. Со него се регулираат повеќе работи, меѓудругото и среднорочното буџетирање.
Законот за буџети предвидува и воспоставување нов ефикасен и интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС) којшто ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите, од нивното планирање до целосна реализација.
Законот беше поставен на ЕНЕР пред околу еден месец за коментари од јавноста. Тимот на МФ во моментот ги разгледува предлозите и коментарите од стеикхолдерите и наскоро, на почетокот на следниот месец ќе одржиме една јавна расправа за истиот. Како што реков, ова е стратешки закон и процесот на негово носење, впрочем како и за секој закон, треба да биде низ дијалог.