29 јануари 2021, Скопје – Благо намалување на јавниот и на државниот долг во четвртиот квартал од 2020 година. На крајот од 2020 година државниот долг изнесува 51%, што е за 0,5 процентни поени пониско во однос на претходниот квартал, додека јавниот долг изнесува 59,9% и е за 0,8 процентни поени понизок во однос на претходното тримесечје.
Гледано во апсолутен износ, државниот долг е намален за 57 милиони евра во однос на претходниот квартал, додека јавниот долг за 89 милиони евра во однос на третото тримесечје.
Промената во состојбата се должи на отплатите направени во последниот квартал по основ на доспеаната еврообврзница од 2015 година, како и на враќањето на краткорочниот кредит кон комерцијалните банки земен на почетокот на минатата година.
Реализацијата на јавниот и на државниот долг во четвртиот квартал е пониска и во однос на проекциите за крајот на годината, и тоа кај државниот долг е за 0,2 процентни поена пониска од очекувањата, додека кај јавниот долг за 1 процентен поен.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими најави дека на среден рок ќе се реализира постепена буџетска консолидација, којашто од една страна ќе влијае врз стабилизирање на долгот, додека од друга страна нема да влијае рестриктивно врз економскиот раст. Во таа насока планирано е буџетскиот дефицит, односно негативната разлика помеѓу приходите и расходите во Буџетот, постепено да се намалува. Така, за годинава е проектиран речиси двојно понизок дефицит во однос на минатата година, односно -4,9% од БДП, следната година проекцијата е -3,8%, во 2023 -3,2%, во 2024 -2,9% и во 2025 година -2%, односно под Мастришкиот критериум од -3% од БДП. Поради економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19, многу држави членки на Европската Унија (ЕУ) го надминуваат овој критериум, што е сосем разбирливо, бидејќи имаат потреба од силна државна интервенција и фискален поттик за економиите.