17 март 2021, Скопје – Фискалната транспарентност е највисок степен на фискална контрола, и без оглед на тековните состојби мора континуирано да се работи на нејзино унапредување, како дел од градењето подобар систем на јавни финансии и во насока на забрзан економски развој. Заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“, посочи дека има многукратни придобивки од новата алатка за транспарентност на Министерството за финансии „Фискален бројач“, во насока на подобар перформас за извршување на Буџетот, како и за информирање на јавноста.
– „Фискалниот бројач“ е новата алатка за транспарентност на Министерството за финансии со високофреквентни податоци, којашто на дневна основа ги прикажува приходите, расходите во Буџетот и извршувањето на капиталните трошоци, додека на месечна основа го прикажува државниот долг. Целта на оваа алатка, објавена на веб-страницата на Министерството, е понатамошно отворање на Буџетот кон јавноста и постигнување повисоко ниво на фискална транспарентност. Фискалната транспарентност е највисок степен на контрола на јавните финансии, бидејќи се ставаат на располагање информаци коишто креираат јавно мислење, коешто, пак, има висок степен на корективна моќ. Креирањето подобар систем на јавни финансии се состои, меѓу другото, и од постојани активности во насока на подигање на фискалната транспарентност, вели Ковачевски.
Тој посочува дека алатката, на дневна основа, го покажува полнењето на државната каса, како и расходната страна на Буџетот, односно кумулативот од почетокот на годината до конкретниот датум на објава, како и степенот на реализација во однос на планот. Исто така, и реализацијата на капиталните расходи се прикажува на дневна основа.
– Вие знаете дека во петгодишниот план на Министерството за финансии, којшто за првпат беше изработен во таква среднорочна рамка, воведовме и нов механизам на следење и управување со капиталните расходи, со цел тие да бидат реализани на повисоко ниво, па на овој начин се прави притисок врз сите институции за нивна подобра реализација, рече заменик-министерот за финансии.
Воедно, посочи и дека на месечна основа преку новата алатка ќе се објавува државниот долг, односно со повисока фреквенција од порано, кога истиот бил објавуван на квартална основа.