19 март 2021, Скопје – Наплатата на приходите во Буџетот од почетокот на годината е подобра и во однос на преткризниот период минатата година. Министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во Дневникот на телевизија Сител, посочи дека наплатата на приходите во Буџетот од почетокот на годинава заклучно со средината на март е повисока за 3,1% во однос на истиот период минатата година, додека наплатата на даночните приходите е повисока за 4,2%.
– Буџетот е во добра кондиција, а обврските се извршуваат редовно и навремено. Има раст кај вкупните приходи од 3,1%, кај даночните од 4,2%, со раст на наплатата на ДДВ и данокот на добивка, а има раст и кај придонесите за 3,7%. Да напоменам дека компарацијата е со период кога сѐ уште не се чуствуваат ефектите од ковид-кризата. Трендот е во насока на нашите проекции, рече Бесими.
Министерот посочи дека иако сѐ уште постојат ризици од аспект на пролонгирање на здравствената криза, остварувањата од почетокот на годината говорат дека ќе се реализира базичното сценарио за раст на економијата од 4,1% во 2021 година. Доколку се пролонгира кризата и се реализира песимистичкото сценарио, растот ќе успори, но сепак ќе остане во позитивната зона.
Во однос на ребаланс на Буџетот, министерот истакна дека уште кога се носел Буџетот за годинава, бил најавен ребаланс за средината на годината, што впрочем беше практика и во години кога немаше криза, во насока на оптимизирање на приходната и на расходната страна согласно со реалните потреби.