Вести|

Почитувани,

Во насока на точно информирање на јавноста истакнуваме дека не се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персоналниот данок.

Имено, изјавата на министерот за финансии, Фатмир Бесими во емисијата „Економски магазин“ се однесува на зголемување на уделот што го добиваат општините од наплатата на ДДВ-то и од персоналниот данок, како трансфери од централен буџет, а не на стапките на ДДВ и на персонален данок.

Министерот за финансии гостуваше во емисијата „Економски магазин“ на тема „Фискална децентрализација“, каде што ја презентираше реформата за унапредување на фискалната децентрализација.

И самиот автор на емисијата „Економски магазин“, Горан Теменугов преку социјалните мрежи посочи: Поради мала непрецизност објавена на веб-страницата на Алсат, каде што стоеше дека ќе се зголемуваат ДДВ-то и персоналниот данок, дојде до забуна во јавноста. Информацијата се однесува на зголемување на тоа колку општините ќе добиваат од собраниот ДДВ и персоналец, а не на зголемување на даноците. Значи, ќе се зголеми процентот што ќе го добијат општините, а не даноците. Јас се извинувам за непрецизноста и во иднина ќе се потрудам да не се повтори ваков пропуст…“

Во рамки на реформата за унапредување на фискалната децентрализација, за којашто претходно и министерот за финансии и Министерството за финансии ја информираа јавноста, се предлагаат три столба – подобрување на фискалниот капацитет на општините, домаќинско и отчетно работење и зголемување на транспарентноста.

Кај првиот столб се предлага зголемување на уделот што го добиваат општините од наплатата на персонален данок, како и постепено зголемување на стапката на дотација од наплатениот ДДВ, според перформансот на општините. Имено, планирано е формирање два фонда: Фонд за перформанси за општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи и Фонд за изедначување за општините коишто имаат пониски приходи, но истите покажале фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.

Овие предлози ќе бидат ставени на јавна дискусија со ЗЕЛС и со сите засегнати страни, со цел оваа реформа да се носи преку еден транспарентен и инклузивен процес.

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *