26 април 2021, Скопје – Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе ги поддржи планираните реформи во насока на унапредување на фискалната децентрализација во земјава и зајакнување на капацитетите на локалните власти, како и градењето подобар систем на јавни финансии, воопшто. Денеска помеѓу Министерството за финансии, претставувано од министерот за финансии, Фатмир Бесими и постојаната претставничка на УНДП во земјава, Нарин Сахакјан беше потпишан Меморандум за разбирање, којшто предвидува соработка во повеќе области.
Предвидена е поддршка во реформите на јавните финансии и фискалната децентрализација, зајакнување на фискалната автономија и капацитетите за прибирање приходи на локалната самоуправа, размена на најдобрите практики за фискална децентрализација, спроведување активности од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија и поддршка на развојот и либерализацијата на финансискиот пазар.
– Спроведувањето на реформите за креирање подобар систем на јавните финансии и фискалната децентрализација се меѓу врвните приоритети на Министерството за финансии. Поддршката од нашите меѓународни партнери преку размена на искуства и стручна поддршка при дизјанирање и спроведување на реформите е од непроценливо значење и за процесот и за нас. Со Меморандумот што го потпишавме денеска се уредува соработката на Министерството за финансии со УНДП, којашто опфаќа навистина амбициозен план на активности, меѓу кои формирање фондови за изедначување и за успешност коишто ќе го подобрат пристапот на општините до финасии. Исто така, предвидени се активности за сузбивање на сивата економија, како креирање дигитална платформа, но и активности за зајакнување на капацитетите за спроведување на новиот Закон за буџети, особено во делот на Фискалниот совет – посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Постојаната претставничка на УНДП во земјава, Сахакјан посочи дека УНДП ќе го поддржи процесот на унапредување на фискалната децентрализација преку советодавна помош и пилот-механизми за финансирање јавни услуги на локално ниво.
– Денес ја реафирмиравме нашата заедничка заложба со Министерството за финансии да го забрзаме напредокот кон Целите за одржлив развој преку спроведување респонзивни и инклузивни политики, зголемување на отчетноста на јавните институции и забрзување на реформите во управувањето со јавните финансии и фискалната децентрализација. Зголемувањето на моќта на заедниците преку фискалното јакнење на локалните власти и целиот поднационален систем на владино финансирање се интегрални делови од политиките и стратегиите што се неопходни за достигнување на Целите за одржлив развој. Затоа, УНДП ќе го поддржи развојот на законската рамка за фискална децентрализација преку советодавна помош и пилотирање механизми за финансирање јавни услуги на локално ниво – рече Нарин Сахакјан.
Планот за соработка на Министерството за финансии со УНДП се состои од 13 активности од кои најголем дел се посветени на заложбата за унапредување на фискалната децентрализација. Меѓу активностите се и формирањето Фонд за изедначување и Фонд за успешност за општините, коишто ќе го подобрат пристапот до финансии за општините коишто се залагаат за јакнење на капацитетите за наплата на локални давачки. Предвидено е утврдување индикатори за следење на фискалната децентрализација, зголемување на ефикасноста при наплатата на локалните даноци, подобрување на ефективноста и профитабилноста на јавните претпријатија во општините, како и зголемување на транспарентноста и отченоста на општините.
Исто така, предвидени се и активности во однос на утврдување на вредноста на меѓународни трансфери на правните лица за даночни цели (трансферни цени), електронска размена на информации за даночни цели, активности за сузбивање на сивата економија, зголемување на капацитетите на Министерството за финансии за спроведување на новиот Закон за буџети по неговото донесување и воспоставуање оддел „Вредност за парите“ којшто ќе го мери импактот на инвестициите врз економијата и нејзиниот развој.
Од двете страни беше посочено дека градењето подобар систем на јавни финансии, преку спроведување реформи во повеќе области, ќе придонесе за забрзан економски развој, што пак ќе доведе до креирање подобри услови за живот и раст на стандардот на граѓаните.