20 мај 2021, Скопје – Економијата заздравува и потребни се економски политики коишто ќе го забрзаат заздравувањето, а понатаму и економскиот раст. Преку инклузија на научната заедница во нивното креирање, може да се постигне синергија на добри решенија, коишто ќе го забрзаат растот, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на прес-конференцијата по повод првата заедничка научна конференција на Министерството за финансии и МАНУ. На прес-конференцијата заедно со академик Таки Фити, министерот истакна дека за финансирање на растот, а воедно и за продолжување на заложбите за фискална консолидација, Министерството за финансии, преку посебен план, ќе изнаоѓа нови механизми за финансирање, коишто ќе ја зачуваат макроекономската стабилност.
– Извесно е дека за нашата економија опоравувањето започна. Тоа, впрочем, вчера го нотираше и редовната мисија на ММФ, којашто посочи дека економијата веќе го започнала процесот на заздравување. Извозот во првото тримесечје забележува раст од 18%, а увозот раст од 14,1%. Трговската размена во март во однос на лани забележува висок раст од 35,5%, додека извозот раст од 36,7%. Индустриското производство во март за првпат од почетокот на кризата забележува повисок раст, којшто изнесува 7,6%, со раст на преработувачката индустрија од 6,2%. Подобрени се и очекувањата на деловните субјекти во април во однос на зголемување на обемот на производство, обезбеденоста на произведеното со нарачки и намалување на постојните залихи. Искористеноста на производствениот капацитет исто така расте, со 71,7% искористеност во април, што е на ниво од преткризниот период. Кредитирањето во март забележа раст од 5,2% на годишно ниво, со раст и кај домаќинствата и во корпоративниот сектор, додека депозитите имаат раст од 7,4%. И реализацијата на Буџетот може да даде добар приказ за кондицијата и движењето на економијата. Согласно последните расположливи податоци, односно од почетокот на годината заклучно 18 мај, вкупните приходи се повисоки за 13,4% во однос на лани, додека даноците и придонесите се повисоки за 14,3% – вели Бесими.
Тој посочи дека за понатамошното заздравување на економијата и забрзување на растот треба да се даде поддршка на стопанството и да се инвестира во крупни проекти, но воедно и да се задржи политиката на постепена фискална консолидација.
– На предизвикот да финансираме забрзан економски раст, а истовремено да се држиме кон среднорочниот план за фискална консолидација, ќе одговориме со Планот за финансирање заздравување и забрзување на економскиот раст. Главната поента на Планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра за периодот 2021-2025 година, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Планот се состои од креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Се планираат јавни приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти, но и проекти на приватниот сектор – рече Бесими.
Академик Фити посочи дека темите што ќе се дискутираат на научната конференција третираат вонредно значајни проблеми и прашања како на пример, фискалните предизвици во посткризниот период – структурните промени, јавните инвестиции и зелениот раст, управувањето со јавниот долг и одржливоста на јавните финансии, фискалната консолидација, фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа и сл.
– Одржувањето на оваа значајна конференција е прв конкретен чекор на реализација и операционализација на обврските што произлегуваат од Меморандумот за соработка меѓу МАНУ и Министерството за финансии. МАНУ поддржувала и ќе подржува и во иднина ваков вид соработка и тоа е во согласност со една од клучните функции и улоги на Академијата – советодавна функција, односно истражувања и подготвување научно фундирани препораки и сугестии за креаторите на политиките во различни области, во случајов во областа на јавните финансии. МАНУ ја поздравува подготвеноста на Министерството за финансии, при дебатирањето на толку значајни теми да го чуе и гласот на науката – истакна академик Фити.
Министерството за финансии и МАНУ за првпат организираат заедничка научна конференција. Темата е „Предизвиците на фискалната политика во периодот на пандемијата од ковид-19 и перспективи во посткризниот период“ и на истата учествуваат над 30 еминентни економисти (академици и професори, меѓу кои и неколку поранешни министри за финансии, како и актуелен гувернер), како и претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и Европската комисија. Сите научни трудови од конференцијата ќе бидат објавени во зборник на трудови, којшто ќе ѝ биде достапен на јавноста.