22 јуни 2021, Скопје – Владата го препознава човечкиот капитал како приоритет и издвојува значајни средства за инвестиции во него. Со предложениот ребаланс на Буџетот се издвојуваат 2,7 милијарди евра за инвестиции во човечки капитал, односно во образование, здравство и социјална заштита, што во однос на периодот од пред три години е повеќе за над половина милијарда евра, посочи заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски на конференцијата „Високото образование и бизнисот – заеднички предизвици и приоритети“, во организација на Стопанската комора и Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.
Заменик-министерот Ковачевски истакна дека заедничките предизвици на високото образование и стопанството ќе бидат адекватноста на кадрите со побарувачката на пазарот на труд и поголема инклузија на експертизата на високонаучните институции во надминување проблеми и креирање додадена вредност.
– По корона-кризата, креирањето соодветна понуда согласно побарувачката на пазарот на труд, ќе стане уште поголем предизвик. Новата нормала условува постепено згаснување одредени професии, но истовремено креирање поголема побарувачка за други профили. Изминатите години, Владата покажа силна заложба за подобро кореспондирање на понудата и побарувачката на пазарот на труд. Оттаму, средствата за активните мерки издвоени од државниот буџет во изминатите години неколкукратно се зголемени. Годинава, како одговор на ефектите од ковид-19, со предложениот ребаланс ги зголемуваме средствата за активни мерки за вработување, од 1,3 милијарди денари на историски највисоки досега 1,66 милијарди денари или 27 милиони евра. За споредба, во 2016 година од Буџетот биле издвоени само 530 милиони денари за активни мерки или истите биле трикратно пониски – рече Ковачевски.
Тој посочи дека кризата предизвикана од коронавирусот беше и сѐ уште е глобална закана за акумулацијата на човечки капитал.
– Изминатите неколку години, Владата настојуваше со секој буџет да издвојува повеќе средства за образование, за здравство и за социјална грижа. Така, со предложениот ребаланс, за областа образование издвојуваме 28,6 милијарди денари или за 3 милијарди повеќе во однос на Буџетот во 2018 година, за здравство 46,7 милијарди денари или 14 милијарди повеќе во однос на 2018 година и за социјална грижа 91,8 милијарди денари или 16,6 милијарди денари повеќе во однос на периодот од пред три години. Значи, за само три години има зголемување во инвестициите во човечки капитал од над 30 милијарди денари или над половина милијарда евра. Зборуваме за 2,7 милијарди евра инвестиции во човечки капитал на годишно ниво – рече заменик-министерот.
Ковачевски истакна дека партнерствата меѓу универзитетите и бизнис-заедницата ќе бидат од витално значење при обновата на економиите по пандемијата, односно рестартирање на економијата базирана на знаење, како и дека сѐ почесто има примери на стратешки партнерства помеѓу мултинационални корпорации и универзитети.