Вести|

21 јули 2021, Скопје – Подготовка на Стратегијата за развој на финансиските пазари со посебен осврт на пазарот на капитал, нови закони во областа на банкарството, осигурувањето, пазарот на капитал, платежните услуги, ревизијата, ќе бидат во фокусот на работењето на Советот за развој на пазарот на капитал со кој претседава министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Денеска во Министерството за финансии се одржа седница на Советот за развој на пазарот на капитал на кој министерот за финансии најави дека Советот активно ќе продолжи со своите активности, а којшто поради ковид-кризата и посветеноста на изнаоѓање решенија за справување со кризата и одржување на економијата на задоволително ниво во изминатиот период не одржуваше седници.

– Мерките што ги презема Владата на Република Северна Македонија во доменот на пазарот на капитал не можат да ги решат сите проблеми пред кои сме исправени. Но, се надевам дека со заеднички напори, преку меѓусебна размена на искуства и идеи, сите заеднички ќе дадеме придонес во изнаоѓањето вистински решенија за натамошниот раст и развој на пазарот на капитал. Учесниците на пазарот како најзасегнати страни мора да дадат свој придонес во надминување на тековните состојби – рече министерот на седницата на Советот за развој на пазарот на финансиските пазари.

Тој потенцира дека за правилно насочување на понатамошниот развој на финансиските пазари и нивна либерализација, има потреба од изготвување Стратегија за либерализација и развој на финансиските пазари, со посебен осврт на пазарот на капитал, користење на меѓународното експертско искуство и практики во земјите со слично ниво на развиеност на финансиските пазари како нашата земја.

На состанокот на Советот, министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека Министерството за финансии со цел да го стимулира економскиот раст во Република Северна Македонија, особено во фазата на опоравување на економијата од последиците предизвикани од пандемијата на вирусот КОВИД-19 е во процес на планирање на начинот и условите за воспоставување фондови за развој коишто се во насока на олеснување на пристапот до финансиски средства за компаниите во Република Северна Македонија.

Главниот фокус е во изнаоѓање начини за создавање извори на средства за малите и средни компании, за стратешки и зелени инвестиции коишто се двигател на економскиот раст и генератор на нови работни места. Овие нови извори на средства треба да го поддржат економскиот раст без дополнително зголемување на дефицитот, туку со воспоставување фондови што ќе соберат капитал од реномирани приватни инвеститори и меѓународни финансиски институции.

Советот денеска на седницата се осврна и на особено актуелното прашање во последниот период околу виртуелните средства и нивното регулирање.

Некои држави донесоа законски решенија за регулирање на виртуелните средства, сѐ со цел да привлечат инвеститори во виртуелни средства и да се отворат за иновативната технологија врз основа на која се создадени овие средства. Во Република Северна Македонија, првпат со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам се среќаваат виртуелните средства само од аспект на активности поврзани со спречување перење пари и финансирање тероризам.

Советот за развој на пазарот на капитал ја следи состојбата на пазарот на капитал и предлага мерки за обезбедување негов континуиран раст и развој. Го сочинуваат министерот за финансии, д-р Фатмир Бесими, кој е и претседател на Советот, а членови се претставници на Министерството за економија, Комисијата за хартии од вредност, Народната банка на Република Северна Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување, Македонската берза АД Скопје, Централниот депозитар на хартии од вредност АД Скопје, Македонската банкарска асоцијација – Скопје, како и претставници од друштвата за управување со инвестициски фондови, од пензиските друштва и претставник од големите трговски субјекти предложен од Стопанската комора на Македонија, од Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *