Вести|

22 јули 2021, Скопје – Здравјето на граѓаните, здрава економија и здрави финансии и општество, воопшто, остануваат клучни приоритети за оваа година. Во таа насока е и ребалансот на Буџетот за 2021 година во кој има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, за 24 отсто повеќе средства за капитални расходи, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.

Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими образложувајќи го ребалансот на Буџетот за 2021 година, што од денеска е на дневен ред пред пратениците во Собранието на РС Македонија.

– Фискалната политика секогаш треба да даде одговор на реалните потреби, да го поддржи економскиот раст и развој, отворањето нови работни места и подобриот животен стандард за граѓаните. Затоа основните цели на Буџетот за 2021 година се зајакнување на финансирањето на системот на здравствена заштита и зачувување на здравјето и животите на граѓаните, поддршка на економската стабилизација и поставување темели на солидно економско заздравување и забрзан раст, непречено финансирање на основните функции на државата како и поддршка на реформите во правосудството и евроатлантските интеграции, истакна министерот.

Потенцирајќи дека ребалансот за 2021 година е одраз на економските состојби, грижа во поглед на користењето на јавните средства и нивно насочување кон реализација на поставените таргети, како и посветеност во справувањето со пандемијата, министерот рече дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните продолжува до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст. Притоа, наведе, останува заложбата да инвестираме во трајни добра со фокус на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, земјоделството и заштитата на животната средина.

Министерот посочи дека приходите во Буџетот имаат одлична реализација. Од почетокот на годината заклучно со јуни 2021 година, истите се реализирани во износ од 101,1 милијарда денари што претставува 47,5 отсто во однос на планот и забележаа раст од 15,6 отсто во однос на тој период лани.

Расходите, исто така, се реализираат редовно и навремено и се во рамки на предвидувањата и очекувањата. Заклучно со јуни 2021 година, реализирани се во износ од 116,8 милијарди денари што е 47,2 отсто во однос на годишно планираниот износ или раст од 3 отсто во однос на тој период претходната година.

Годинава се очекува економијата да заздрави, при што растот е проектиран на 4,1 отсто. Во првите четири месеци од 2021 година размената значително се интензивира, извозот на стоки забележа номинален раст од 40,7 отсто, а увозот на стоки од 34,4 отсто. Податоците за индустријата покажуваат дека во март е прекинат падот на производството од претходните два месеца, а во април растот достигна 46,1 отсто. Стапката на невработеност продолжи да се намалува и достигна 16 проценти, платите забележаа просечен раст од 4 отсто, а раст од 48,2 отсто е забележан и кај капиталните расходи во првите шест месеци во однос на тој период лани.

Значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање ќе имаат инвестициите. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8 отсто во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции. Потрошувачката се очекува да забележи реален раст од 4 отсто, а растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3 отсто. Извозот се предвидува да забележи раст од 10,6 отсто, а увозот раст од 11 отсто на реална основа. Бројот на вработени е предвидено да се зголеми за 1 отсто, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5 отсто, додека стапката на невработеност да се намали на 15,8 отсто.

Вкупните приходи, со измените и дополнувањата на Буџетот за 2021 година, се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или за 4,7% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто повисоки во однос на планот. Планираните приходи и расходи претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.

Со ребалансот се обезбедени повеќе пари за капитални расходи, поточно дополнителни средства за здравствениот сектор кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза. Во насока на продолжување на мерките од претходните пакети, со цел обнова на економијата и враќање на стапките на економски раст од пред кризата, предвидени се средства за мерки од петтиот и шестиот пакет со цел директна поддршка на стопанството и компаниите, средства за исплата на регрес за годишен одмор согласно Гранскиот колективен договор за државните институции и средства за ангажирање образовани асистенти за деца со посебни потреби. Со ребалансот се врши и ограничување и сведување на минимум на несуштинските трошења кај буџетските корисници.

Дополнително, согласно Фискалната стратегија 2022-2026 година, покрај подобрената структура на јавните финансии со зголемено учество на капиталните расходи, предвидена е и етапна фискална консолидација преку намалување на буџетскиот дефицит како процентуално учество во БДП и тоа: 4,3 отсто во 2022 година, 3,5 отсто во 2023 година, 2,9 отсто во 2024 година, 2,5 отсто во 2025 година и 2,2 отсто во 2026 година.

Буџетот на РСМ целосно е креиран во функција на остварување на стратешките приоритети, забрзување на економскиот раст, приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските што произлегуваат од членството во НАТО.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *