1 септември 2021, Скопје – Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија го донесе Кодексот на добри практики за финансиска едукација кој ги утврдува принципите што треба да се применуваат при спроведување на финансиската едукација на населението во земјата од страна на сите субјекти од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, вклучени во овој процес. Потребата од јасно дефинирање на основите и начините за вклучување на овие субјекти, координација, како и обезбедување ефективни едукативни програми што се во интерес на населението се јави како резултат на растечките потреби, иницијативите за финансиска едукација и растот на бројот на вклучени субјекти.
Кодексот ги содржи целите кои се сакаат да се постигнат, принципите кои треба да се применуваат при спроведување на активностите за финансиска едукација, опфатот на активностите, добрите практики во однос на содржините и обучувачите за финансиска едукација, како и начинот на информирање на регулаторите и оценување на активностите.
Кодексот базира на најдобрите светски искуства и препораките на ИНФЕ-ОЕЦД и има за цел да овозможи промоција и реализација на висококвалитетна и непристрасна финансиска едукација од страна на сите вклучени субјекти. Со него ќе се зајакне координираниот пристап за финансиска едукација, што ќе придонесе за подобри и побрзи резулати на национално ниво.
Со ова продолжуваат активностите за спроведување на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, усвоена во јули годинава.
Во современите услови на динамичен финансиски систем, финансиската едукација станува потребна за сите возрасти и за сите социјални слоеви од населението. Од аспект на институциите и субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто можат да придонесат во оваа област, финансиската едукација станува дел од општествената одговорност и значаен аспект на градење на нивната репутација. Оттаму, координираниот пристап на дејствување ќе придонесе за зголемена ефикасност и ефективност на дејствување.
Финансиските регулатори ги повикуваат сите субјекти од приватниот и граѓанскиот сектор коишто остварувале или се заинтересирани да реализираат активности за финансиска едукација да го прочитаат Кодексот, достапен на следнава врска : https://www.nbrm.mk/kodeks-fin-edu.nspx и да се приклучат на иницијативата за координиран пристап.
Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија го раководи Народната банка, а членуваат претставници на финансиските регулатори – Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).