Вести|

10 декември 2021, Скопје – Изградба на патната инфраструктура на Коридорот 8 и Коридорот 10, подобрување на условите во образованието, зелена транзиција, модернизација на земјоделското стопанство, се само дел од капиталните инвестиции предвидени со Предлог–буџетот за 2022 година, коишто се поставени на историски највисоко ниво и со чија реализација ќе се остварат повисоки стапки на економски раст.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи го Буџетот за 2022 година денеска на собраниската пленарна седница, во своето експозе истакна дека дополнетиот Предлог-буџет на РС Македонија за 2022 година ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, а кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со донесените стратешки документи. Притоа, како што нагласи, „годинава очекуваме да ја завршиме согласно проектираниот раст на БДП од 4,1 процент, но со реална можност истиот да се надмине. Во 2022 година, економскиот раст во земјата се очекува да забрза и да изнесува 4,6%, и тоа во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и стабилизирање на надворешната побарувачка“.

„Пред нас се исправи потребата да одговориме на зголемените потреби на здравството, зелената агенда, дигиталната трансформација, иновациите и технолошкиот развој, фискалните импликации од кризата, а притоа да се спроведува фискална консолидација. За 2022 година имаме поставено амбициозна цел, којашто, во контекст на предвидените политики, има солидни основи да биде остварлива“, истакна министерот Бесими.

Со Предлог-буџетот за 2022 година вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 35,2% од БДП, додека вкупните приходи се планираат на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9% од БДП, при што дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3% од БДП, којшто единствено ќе се користи за поддршка на значителниот дел од капиталните инвестиции кои изнесуваат 38,2 милијарди денари, а остатокот ќе се финансира од сопствени приходи.

„Поедноставно кажано, во 2022 година ќе имаме „развоен буџет“. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 28,3% во однос на 2021 година поточно во 2022 година се предвидени 8,4 милијарди денари повеќе за капитални проекти. Со овој Предлог-буџет го постигнуваме и „златното правило“ во јавните финансии. Во 2022 година, капиталните инвестиции првпат во последнава деценија ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе позајмуваме само за инвестициски проекти. Капиталните инвестиции во 2022 година ќе имаат историски највисоко учество од 14% во вкупните буџетски расходи“, истакна Бесими.

Како позначајни министерот ги наведе автопатските делници накоридорите 8 и 10, односно делниците Тетово – Гостивар, Требеништа – Струга – Ќафасан, Гостивар – Букојчани кои ќе се финансираат со буџетски средства и делницата Букојчани – Кичево којашто ќе се финансира со средства од ЕБОР. Со средства од Буџетот ќе се финансира и изградбата на делницата Прилеп – Битола на Коридорот 10, а со средства од ИПА ќе се имплементираат проектите за изградба на делниците Скопје – Блаце и Градско – Дреново.

Во делот на железничката инфраструктура, со Предлог-буџетот за 2022 година се обезбедуваат средства и за реконструкција на железничката пруга на Коридорот 10, како и делницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка од Коридорот 8. Во областа на гасификацијата, предвидена е изградба на магистрални гасоводи делница Скопје-Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес. Се обезбедуваат средства и за инвестиции наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, набавка на медицинска опрема и реконструкција на Општа болница во Кичево.

Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор, предвидени се значителни капитални инвестиции за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

За зелена транзиција и подобро справување со климатските и еколошките предизвици во областа на животната средина е планирана новата Програма за зелен развој во износ од 3,6 милијарди денари, којашто ќе биде во насока на намалување на емисиите на штетни гасови, подобрување на квалитетот на водата, воздухот и почвата, како и користење нови обновливи извори на енергија.

Во делот на образованието, како што посочи министерот, ќе отпочне Проект за реконструкција на студентските домови, а ќе продолжи и реализацијата на Проектот за изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта, како и подобрување на севкупните услови за учење на учениците во основните и средните училишта. За да се подобрат условите за учење во основното образование во земјата, со заем од Светска банка ќе продолжи финансирањето на реализацијата на Проектот за унапредување на основното образование во износ од 246 милиони денари.

За успешна реализација на капиталните расходи продолжува примената на механизмот КАПЕФ којшто даде позитивни ефекти во делот на реализацијата годинава. Така, како што информира министерот, од почетокот на годинава реализирани се капитални расходи за 6,8 милијарди денари повеќе во однос на истиот период лани или за 62,8% повеќе.

Воедно ќе се воведат инпут и аутпут индикатори за мерење на успешноста на проектите за петгодишен период.

Во дополнетиот Предлог-буџет се вградени прифатените амандмани како од опозицијата така и од владејачкото мнозинство, во вкупен износ од 382 милиона денари со коишто, меѓу другото, се обезбедени средства во висина од 250 милиони денари за Интервентен фонд во земјоделството во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој; 30 милиони денари за енергетска ефикасност кај домаќинствата; и остатокот за други проекти за животна средина и локален развој.

„Предложениот развоен Буџет за 2022 година ќе обезбеди непречено финансирање на функциите на државата, но и силна финансиска поддршка за економското заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој. Наредната 2022 година ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во овој Предлог-буџет се предвидени на историски највисоко ниво досега и за првпат се поголеми од буџетскиот дефицит. Притоа, во услови на сѐ уште присутни ризици од пандемијата на Ковид-19 клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето на населението, а неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци како и поддршката на економијата“, рече министерот.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *