28 декември 2021, Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими, на веќе традиционалната средба на крајот на годината со поранешни министри за финансии, заеднички покренаа иницијатива за формирање Совет како експертско тело коешто ќе биде дел од платформата СЕФФ и во чии рамки ќе се разгледуваат актуелни прашања и теми за кои е потребен консензус во општеството.
Иницијативата произлезе од средбата на министерот Бесими со поранешни министри за финансии од осамостојувањето на државата. На средбата присуствуваа Џевдет Хајредини, Таки Фити, Никола Поповски, Зоран Ставрески, Трајко Славески и Кирил Миноски, додека останатите што ја вршеле оваа функција од објективни причини не присуствуваа на средбата, но интенцијата е и тие да бидат дел од Советот.
Советот што ќе го сочинуваат поранешни министри за финансии ќе претставува тело кое ќе функционира како дел на Економскиот и финансиски форум – СЕФФ и истиот ќе биде активен во текот на целата годината за прашања и теми важни за економскиот развој на земјата. Улогата на Советот е да даде солидна основа на Форумот во градењето кредибилни економски политики преку инклузивен и транспарентен процес. Тоа пред сè ќе биде тело на експертско ниво, а искуството и знаењето на неговите членови ќе претставува додадена вредност при креирањето на политиките.
На средбата на министерот Бесими со неговите поранешни колеги што ја вршеле оваа функција, се разменија мислења за економските перспективи, за актуелните прашања, како и предизвиците што произлегуваат од пандемијата на ковид-19, енергетската криза, притисокот на цените на светската берза, но и за потребата за раст на економијата.