4 јануари 2022, Скопје – Министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска оствари работна средба во Управата за јавни приходи со директорката на УЈП, Сања Лукаревска и раководството на УЈП, на која се осврнаа на годината што измина и ги утврдија активностите и предизвиците за 2022 година.
Двете страни се согласија дека соработката помеѓу МФ и УЈП е на одлично ниво, таа е интензивна, а ќе продолжи и понатаму да се унапредува. Еден од начините за натамошното делување на тимовите од УЈП и МФ е и изготвување план за активности со точно определени задачи и рокови коишто ќе ги остваруваат двете страни.
,,Министерството за финансии преку Стратегијата за реформа на даночниот систем работи на пет главни приоритети коишто се однесуваат на поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите и воведување еколошко оданочување“, истакна министерот Бесими.
Тој додаде дека во акцискиот план, согласно Стратегијата, во тековната 2022 година ќе преовладуваат активности и мерки што се однесуваат на зголемување на ефикасноста и ефективноста на даночниот систем, поедноставени даночни процедури, зголемена наплата на јавни приходи, како и зголемен степен на дигитализација во даночните постапки.
„Работиме и на намалување на неформалната економија преку Акцискиот план за сузбивање на сивата економија 2021-2022, каде што нудиме еден посеопфатен пристап со повеќе мерки и вклученост на повеќе институции. Приоритетни цели се унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија, стимулативни активности за формализација на сивата економија, јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал, ефикасни инспекциски служби и ефикасен систем на изрекување казни, унапредување на законската регулатива и мерки на Царинската управа. Притоа, клучна улога во реализацијата на мерките има и Управата за јавни приходи“, рече министерот и додаде дека меѓу активностите што се преземаат е и воведувањето Интегриран даночен информациски систем со кој УЈП ќе обезбеди услови за електронска комуникација со даночните обврзници, како и единствена платформа за електронско фактурирање со цел поедноставување на даночните контроли и следење на прометот.
Министерот потенцираше дека Министерството за финансии ќе продолжи со политики и мерки што ќе бидат насочени кон поголем економски раст и, секако, предвидливо економско окружување што е особено важно за работењето на правните субјекти.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска посочи дека во годината што измина заедно со Министерството за финансии работеле на реализација на Стратегијата за реформa на даночниот систем за периодот 2021-2025 година, потоа на Акцискиот план за намалување на сивата економија, законските измени на Законот за данокот на додадена вредност, Законот за даночна постапка, Законот за Управата за јавни приходи, како и на сите законски прописи што се од делокругот на работата на овие институции.
Директорката ги соопшти и реализираните активности на Управата за јавни приходи изминатата година во врска со наплатените даноци, социјалните придонеси, повратот на ДДВ кон компаниите и користењето на мерката субвенционирање придонеси од задолжително социјално осигурување заради зголемување на платите.
Наплатата на приходите за 2021 година изнесува 89,6 милијарди денари, и истата е за 17,89% повисока во однос на 2020 година, односно за 8,87 % повисока во однос на 2019 година, додека наплатата од социјалните придонеси во 2021 година изнесува 84,5 милијарди денари што е за 5,75% повеќе во однос на 2020 година, а за 15,86% во однос на 2019 година.
Повратот на данокот на додадена вредност кон компаниите во 2021 година изнесува вкупно од 31,2 милијарди денари. Овој износ е за 22,39% повисок во однос на повратот во 2020 година, а за 20,45% повисок во однос на 2019 година.
Во однос на мерката субвенционирање придонеси од задолжително осигурување заради зголемување на платите на вработените, којашто започна со примена од октомври 2019 година, директорката истакна дека во 2019 година (период октомври- декември), оваа мерка ја користеле во просек околу 10 500 компании и на околу 57 000 вработени месечно им била зголемена платата. Просечниот износ на субвенциите за овој период изнесува 85,6 милиони денари месечно.
Во 2020 година, мерката за субвенционирање на придонесите ја користеле просечно 23 900 компании и на 120 000 вработени им била зголемена платата. Просечниот износ на субвенциите за 2020 година изнесува 183,8 милиони денари месечно. Во 2021 година (период јан.-окт.), во просек 24 400 компании ја користеле оваа мерка и на 134 000 вработени им била зголемена платата. Просечниот износ на субвенциите изнесува 229,6 милиони денари месечно.