16 февруари 2022, Скопје – По забележаниот пад на економската активност во 2020 година, ММФ проектира раст на БДП од 4% во 2021 и во 2022 година, како одраз на подобрената потрошувачка, продолжувањето на започнатите реформи, зголемувањето на јавните и приватните инвестиции и повисоките парични дознаки од дијаспората. ММФ ги препознава очекуваните позитивни ефекти на владиниот план за инвестиции (План за забрзан економски раст), со што ценат дека ќе се влијае врз натамошно зголемување на побарувачката и поттикнување на растот. Дополнително, спроведувањето на реформите и потенцијалното подобрување на изгледите за почеток на преговори за членство во ЕУ би можеле да ги зајакнат капиталните приливи и довербата во економијата. Ова се дел од главните заклучоци во најновиот Извештај на Мисијата на ММФ објавен по завршувањето на консултациите во врска со Членот 4 од Договорот со ММФ, одржани во ноември и декември 2021 година.
ММФ во извештајот нотира дека политиките за поддршка на стопанството го лимитирале падот на економската активност, помогнале во закрепнувањето на економијата, како и во зачувувањето на работните места.
„Владата и Народната банка спроведоа навремени и силни економски мерки како одговор на кризата предизвикана од пандемијата, првично поддржани со Инструментот за брзо финансирање во април 2020 година. Намалувањето на мерките за поддршка како и нивното таргетирање, придонесоа кон економското закрепнување и спречувањето големи загуби на работни места“, нотира ММФ.
ММФ укажува на подобрената фискална рамнотежа во 2021 година, благодарение на подобрата реализација на приходите. Инвестициите се очекува значително да се зголемат, поттикнати од иницијативите на јавниот сектор. Постепеното укинување на фискалната поддршка доаѓа како одговор на подобрувањето на економските перспективи, кои треба да го намалат ефектот врз растот.
Извештајот укажува на потребата од постепена фискална консолидација што ќе помогне да се обноват фискалните резерви (бафери) и да се создаде простор за инвестиции, како и зголемување на фискалниот простор за реакција кон идни шокови. Овие препораки се успешно антиципирани во Планот за фискална одржливост и консолидација на Министерството за финансии.
Ако домашната побарувачка се зголеми, консолидацијата треба да биде побрза што ќе помогне во намалување на потенцијалните инфлациски притисоци.
Меѓународниот монетарен фонд ја нагласува потребата од кредибилна и сеопфатна среднорочна фискална стратегија, фокусирана на мобилизација на приходите, која може силно да помогне во зацврстување на консолидацијата. Мерките во делот на даночната политика би можеле да бидат фокусирани кон зголемување на вертикалната и хоризонталната праведност, при соодветно намалување на даночните олеснувања и ослободувања, како и подобрена искористеност на даноците на имот и на еколошките даноци. Ова треба да оди паралелно со подобрената наплата на приходите. Мерките во делот на расходите може да вклучат реорганизација на земјоделските субвенции и реорганизација на јавната администрација.
На краток рок, предизвик ќе биде да се одржи заздравувањето, пред сѐ поради сѐ уште високото ниво на неизвесност од пандемијата и од ризиците на меѓународно ниво. Фискалните политики треба да овозможат повисок, одржлив, зелен раст и лимитирање на фискалните ризици.
ММФ смета дека во Буџетот за 2022 година соодветно се намалени трошоците поврзани со пандемијата, а притоа е оставен простор за флексибилност во соочувањето со неизвесностите. Буџетскиот дефицит е таргетиран на 4,3% од БДП, што е во согласност со проекциите на Мисијата на ММФ. Истиот обезбедува повисоки расходи за здравство, вклучувајќи и за вакцини. Со Буџетот, воедно, се обезбедени ненаменски средства во висина од 0,6% за да се овозможи соодветен одговор на потребите поврзани со пандемијата, нотира ММФ.
Препознавајќи го досегашниот напредок, Фондот смета дека понатамошно подобрување на управувањето со јавните финансии ќе го поддржи владиниот инвестициски план, при што е важно целосно имплементирање на акцискиот план за спроведување на Програмата за управувањето со јавните финансии во Министерството за финансии. Извештајот го нотира значењето на предложениот Закон за буџети, којшто е усогласен со рамката на ЕУ а се очекува да се усвои во 2022 година, и со кој ќе се воведат значајни измени во креирањето фискални политики, во фискалното известување, фискалните правила, процесот на подготовката и извршувањето на Буџетот.
Министерството за финансии и Владата на Република Северна Македонија продолжуваат со успешната соработка со Меѓународниот монетарен фонд, како еден од клучните партнери во спроведувањето на реформите и во постигнувањето на целите за закрепнување на економијата, забрзување на растот и подобрување на фискалната одржливост.