Вести|

18 февруари 2022, Скопје – Економско закрепнување, зелена транзиција и модернизација на енергетскиот сектор, подобрување на образовниот систем, на здравството, на пазарот на труд и социјалната вклученост, како и дигиталната транзиција и зајакнување на конкурентноста на домашните компании и нивно интегрирање во глобалните синџири на вредности се главните предизвици поставени со Програмата на економски реформи во следниот тригодишен период. Поставените приоритети и мерките вклучени во нив се во линија со приоритетите и препораките на Европската комисија за земјата. Во насока на економското закрепнување се и активностите предвидени за фискална одржливост во наредниот среднорочен период, со истовремена поддршка на капиталните инвестиции, а во согласност со Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, како и Планот за забрзан раст и Интервентниот инвестициски план. Ова беа главните заклучоци од состанокот на високо ниво одржан по повод оценската мисија за Програмата за економски реформи за периодот 2022-2024 година. Од страна на Европската комисија состанокот го предводеше Михаела Матуела, директор на Директоратот за Западен Балкан во рамки на Генералниот директорат за соседска политика и проширување, а од македонска страна министерот за финансии, д-р Фатмир Бесими. На состанокот учествуваа заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, потоа министрите од Владата на РС Македонија, како и претставници од Генералниот директорат за економија и финансии и од Директоратот за вработување и социјална политика.

Михаела Матуела истакна дека во регионот ваков формат на економски дијалог се води само со нашата земја, со што даваме силен сигнал до ЕК за нашата посветеност за процесот на преговори, каде што Програмата на економски реформи има клучна улога и претставува оперативна алатка за спроведување на структурните реформи, кои се предуслов за користење на финансиските средства од Економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.

Двете страни ја истакнаа важноста на дискусијата за заедничките заклучоци кои во рамки на Економско-финансискиот дијалог со ЕУ треба да се усвојат во мај оваа година.

Како што истакна министерот Бесими, заеднички усвоените заклучоци со препораки во мај, ќе бидат основа за подготовка на следниот Буџет, а во насока на вклучување на неопходните реформи на министерствата во нивните буџетски планови.

Во таа насока, министерот за финансии потенцираше пред претставниците на ЕК дека Програмата на економски реформи за нас претставува значаен документ за воведување на концептот „вредност за пари“ во буџетскиот процес, а сѐ со цел подобрување на конкурентноста на земјата и отворање нови работни места.

Оттаму, и двете страни заеднички се согласија дека во наредниот период напорите треба да се насочени кон постепена фискална консолидација, со истовремено водење грижа за имплементација на капиталните инвестиции потребни за зелена транзиција, потоа зајакнување на човечкиот капитал преку подобрување на правната рамка за пазарот на труд, како и на квалитетот на образовниот систем и социјалната вклученост, но и продолжување со активностите за дигитализација на јавните услуги, рационализација на парафискалните давачки и намалување на неформалната економија.

На крајот на состанокот, двете страни се согласија дијалогот во овој формат да продолжи и во иднина, како форум за размена на мислења за реформи и мерки во контекст на одржлив економски развој на земјата.

Програмата на економски реформи, министерот за финансии ја достави до ЕК на 29 јануари, а истата има за цел преку конкретни реформски мерки да дејствува на клучните предизвици за конкурентноста на земјава во рамки на дијалогот со Европската Унија за исполнување на економските критериуми.

Програмата е најважен стратешки документ во економскиот дијалог со Европската комисија и земјите членки на ЕУ. Во неа е претставена среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика и структурните реформи што треба да придонесат за зголемување на конкурентноста на економијата и за креирање работни места.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *