Вести|

25 февруари 2022, Скопје – Вработените со минимална плата од следниот месец ќе имаат поголема плата како резултат на одлуката на Владата за зголемување на минималната плата и на финансиската помош за компаниите со цел реализација на оваа мерка. Ова го истакнаа министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска при денешната посета на две компании – Ју-ка дооел од Велес и Ука Комерц во Сарај, кои ја поздравуваат поддршката што е обезбедена од државата за да се реализира оваа мерка.

„Минималната плата од март ќе изнесува 18.000 денари за вработените и во приватниот и во јавниот сектор. Ова ја покажува грижата на Владата за работниците и за подигнување на животниот стандард во земјава. Дополнително, ова се случува во услови на здравствена и енергетска криза, што уште појасно ја покажува нашата определба како Влада за раст на платите во земјава. Ова е системско решение, што е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, а со кое преку утврдена методологија минималната плата ќе биде заштитена од инфлација и поврзана со порастот на продуктивноста на трудот“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека државата има партнерски однос со стопанството и имајќи ја предвид целокупната тековна состојба, во Буџетот се издвоени 16 милиони евра за субвенционирање на делот од придонесите за зголемување на минималната плата.

„Продолжува партнерскиот однос и поддршката кон стопанство, за што јасно дадовме до знаење и за време на пандемијата, кога преку пакетите мерки што во вредност од над милијарда евра му помогнавме на стопанството и воедно ја стимулиравме економската активност“, рече министерот и посочи на намалувањето на царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали што ги користат домашните компании и кои ќе влијаат врз намалување на нивните трошоци, ќе создадат можност за проширување на производството, за нови вработувања и слично. Исто така, ги спомена и можностите што им стојат на располагање на компаниите во врска со инвестиции преку Развојната банка.

Мерката за зголемување на минималната плата ќе се реализира преку Управата за јавни приходи, за што директорката Лукаревска истакна дека УЈП е подготвена како и при успешната реализацијата на претходните владини антикризни мерки.

„Мерката ќе се реализира преку Управата за јавни приходи со поднесување на пресметките за исплата на плата, а финансиската помош за исплата на разликата од придонесите на нето-зголемената минимална плата ќе ја исплаќа Министерството за труд и социјална политика. Постапката е едноставна односно работодавецот во месечната пресметка за интегрирана наплата, за оние лица за кои бара обезбедување финансиска помош од државата ги означува со посебна шифра, на која во моментов работиме и за која ќе известиме дополнително. На крајот на месецот после исплатената плата, Управата за јавни приходи ќе достави извештај за бараната финансиска помош до МТПС од каде што истата ќе биде исплатена на работодавците“, изјави директорката Лукаревска.

Таа додаде дека државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од минималната плата од 15.200 денари којашто се исплаќа сега, до онаа којашто ќе се исплаќа за март во износ од 18.000 денари, со што ќе се излезе во пресрет и на компаниите и на работниците.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во РС Македонија со кој се зголемува минималната плата беше усвоен неделава.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *