Вести|

15 март 2022, Скопје – Се наоѓаме во енормна енергетска и ценовна криза и затоа треба да се приспособиме на тоа и истото да го прикажеме во Буџетот, бидејќи сè друго не би се реализирало. Оттаму, правиме консултации и ревидирање на Буџетот со цел истиот да се приспособи кон она што ќе се случи, но притоа, како и минатата година, којашто исто така беше тешка а сепак успеавме да оствариме раст, планираме и годинава да оствариме раст, но кој ќе се ревидира поради драстично сменетата ситуација.

Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во емисијата „24 Анализа“, во која посочи дека проектираниот раст за годинава од 4,6% се базираше на зајакнување на инвестициите и дека тоа и понатаму останува да биде приоритет што е опфатен и во сетот мерки.

„И во 2021 и во 2022 година, генерално растот се базираше на растот на инвестициите. Го презентиравме Планот за забрзан раст, во кој покрај буџетски средства, во наредниот период се планира да се промовираат инструменти со кои ќе се привлече и приватен капитал, а тоа ќе го поттикне растот. Инвестирањето е опфатено и со новиот сет мерки чиј импакт се проценува дека ќе биде над 500 милиони евра“, истакна министерот.

Тој ги спомна и мерките што ќе се реализираат преку Развојната банка. Станува збор за кредитна линија со поволни услови за компаниите во износ од 100 милиони евра, за што се разговара со Европската инвестициска банка. Истите се наменети за зелена транзиција, дигитализација и конкурентност, а воедно, како што појасни, ќе мобилизираат дополнителни 200 милиони евра поволни кредити од комерцијалните банки за инвестиции.

„Со 100 милиони евра задолжување ќе обезбедиме 300 милиони евра кредитирање на стопанството. Тоа е тој ефект, а притоа ќе имаме фискална консолидација не само на расходната страна, туку и на страната на приходите. Економската активност од 300 милиони евра ќе донесе повеќе приходи отколку 100 милиони евра“, потенцира министерот.

Во насока на тоа дека се работи на поттикнување на компаниите да инвестираат, го спомена и функционирањето на Гарантниот фонд, кој, исто така, е дел од пакетот-мерки и кој им овозможува на компаниите што имаат проблем кај банките да добијат кредити, да станат кредитоспособни со помош на гаранција од Развојната банка.

Во интервјуто најави дека до крајот на годината ќе бидат достапни и средства од ЕК, преку Економската инвестициска програма за Западен Балкан, што е нов инструмент, и којшто ќе нуди поволни гаранции за развојните национални банки за големи инвестициски проекти.

РС Македонија, како што истакна министерот, ќе биде меѓу првите земји што ќе го користи овој инструмент и оцени дека тоа ќе биде исклучителна поддршка за нашето стопанство, без дополнително да се оптовари Буџетот со дефицит и јавен долг.

Осврнувајќи се на капиталните расходи во Буџетот, рече дека тие годинава имаат 40% поголема реализација од истиот период минатата година и посочи на тоа дека и нему како министер за финансии и на нашата економија им одговара да останат проекциите во Буџетот за капитални расходи, кои годинава се на ниво од 38,2 милијарди денари и се за 28% повисоки од минатата година.

„Минатата година реализиравме 81% од капиталните расходи. Останува да видиме како ќе се одвива годинава, бидејќи ситуацијата со ценовната и енергетската криза наруши многу работи на светските пазари, а ние со над 77% трговија со ЕУ не сме имуни на тоа. Ова зависи и од сетот мерки. Мене како министер за финансии и на нашата економија секако ни одговара да останат овие пропорции во Буџетот. Затоа и го користев како главен адут во Собранието и на истиот начин пристапивме и при дизајнирањето на Буџетот“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *