Вести|

22 март 2022, Скопје – Стратешките проекти што се приоритетни за Владата на РС Македонија и што имаат придонес во економскиот развој, како и можностите за нивно финансирање и унапредување на соработката со Обединетите Арапски Емирати се теми на дводневните состаноци на министерот за финансии, Фатмир Бесими со претставници на инвестициски фондови од Обединетите Арапски Емирати, кои, иако беше планирано да се одржат во Абу Даби, се одржуваат онлајн согласно антикризните мерки за рационализација на трошоците.

По вчерашниот состанок со директорот за инвестиции во Фондот за развој на Абу Даби, Мохамед Саиф Ал Суади, денеска министерот Бесими одржа состанок со Калифа Алмхеири, извршен директор на Фондот за инвестиции на Абу Даби.

Постои голем потенцијал за развој на соработката меѓу двете земји и за реализација на инвестиции од ОАЕ во земјава. Фондот за инвестиции на Абу Даби е меѓународен инвеститор со инвестиции што се проценуваат на повеќе милијарди долари, а присутен е и во развиени и во земји во развој во Северна Америка, Европа и Азија.

Покрај Планот за забрзан економски раст, којшто нуди координирана поддршка за поттикнување на инвестициите на јавниот и приватниот сектор, на средбата министерот Бесими упати и на институционалната поддршка за реализација на инвестициите во земјата и условите за инвестирање. Притоа додаде дека други значајни закони што имаат за цел да го поттикнат и забрзаат економскиот раст преку привлекување и поддршка на инвеститори во земјата се Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Законот за технолошки индустриски развојни зони.

Приоритетните области за инвестиции кон кои е фокусирана Владата се „Зелена агенда“, дигитализација, иновации и технологија; развој на човечки капитал; подобрување на физичката инфраструктура; социјална кохезија и добро владеење.

Владата, потенцира министерот, и покрај актуелните случувања во Украина и нивното влијание на глобално ниво, останува на приоритетот за постигнување економски раст со стапки над 5% во наредните години, засновани на растот на инвестициите и потрошувачката.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *