24 март 2022, Скопје – ЕУ перспективата на РС Македонија, актуелната состојба во врска со случувањата во Украина и енергетската криза и нејзиното влијание врз глобалната економија беа теми на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Хосе Луис Лозано Гарсија.
На средбата министерот истакна дека РС Македонија будно ја следи состојбата во Украина којашто доведе до дестебилизација во глобални рамки па и кај нас. Во тој контекст потенцира дека како и досега Владата максимално одговорно реагира за заштита на домашната економија и стандардот на граѓаните.
„Стоковите резерви се на соодветно ниво, Буџетот е ликвиден и има средства да реагираме доколку се појави потреба. Дополнително имаме и инструменти што може да ги ставиме на располагање со цел да се приспособиме на условите во случај на големи нарушувања на пазарот“, рече министерот Бесими.
Во однос на ЕУ перспективата на земјата, министерот потенцира дека РС Македонија нема друга алтернатива и останува посветена на продолжување на патот кон ЕУ. Изрази благодарност за поддршката што ја добиваме од Кралството Шпанија на тој пат и истакна дека очекува претседателството на Франција да остане на патот на продолжување на напорите за отворање на пристапните преговори на РС Македонија за членство во ЕУ.
На средбата беше истакнато и дека земјата останува посветена на имплементирање на реформите што заеднички се договорени со ЕУ во рамки на Програмата за економски реформи, како и на искористувањето на инвестициските можности од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и обезбедување одржлив економски раст. Вредноста на Интервентниот инвестициски план за периодот 2021-2027 година е 8,2 милијарди евра од кои 5,8 милијарди евра се јавни инвестиции, додека 2,4 милијарди се од приватни инвеститори. Можности за спроведување на овој план се вклучени во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Приоритет, во контекст на енергетската криза, се проекти за зголемување на производство на електрична енергија од домашни капацитети, како и поголема енергетска ефикасност.
Во 2021 година, и покрај сè уште присутното влијание од здравствената криза предизвикана од ковид-19, домашната економија закрепна во согласност со очекуваната динамика. Оваа година се проектира раст од 4,6%, којшто се базира пред сè на раст на инвестициите, но сепак се очекува врз него да влијае руско-украинската војна. Позитивни се сигналите од меѓународните институции дека европската економија ќе остане со позитивни стапки на раст. Прогнозата за просечната стапка на економски раст во периодот 2022-2026 година е 5,4%, поттикната од домашната побарувачка.
ЕУ е наш најголем трговски партнер. Преку склучената Спогодба за стабилизација и асоцијација, со земјите од ЕУ е воспоставена слободна трговија и голем дел од индустриските производи се без царина. Размената со Шпанија во 2021 година забележа раст од 26,8%, додека во јануари 2022 година, во однос на јануари 2021 година, растот е 38,8%. Во трговската размена со Шпанија бележиме суфицит.